• петок, 22 ноември 2024

Раздор во израелската влада поради стратегијата за Либан

Раздор во израелската влада поради стратегијата за Либан

Тел Авив, 12 август 2024 (МИА) - Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, за време на расправа во парламентарниот комитет, остро го критикуваше премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во говорот поврзан со анализата на ситуацијата на границата со Либан и потенцијалниот напад на Хезболах, Галант се осврна на термините кои Нетанјаху често ги нагласува во своите изјави.

- Слушам за сите херои со воени тапани, „апсолутна победа“ и слични муабети. Денешните услови за војната во Либан се различни од оние на почетокот на војната во октомври 2023 година, рече Галант. Овие термини, што Нетанјаху често ги користи, Галант ги нарече „празни зборови“.

Оваа изјава предизвика жестоки критики од партијата Ликуд и од кабинетот на премиерот. Од Ликуд повикаа Нетанјаху да го разреши Галант, додека од кабинетот на премиерот оценија дека изјавите на министерот за одбрана му нанесуваат штета на Израел.

„Кога Галант прифаќа антиизраелска наратив, тој им нанесува штета на шансите за договор за заложници. Требаше да го нападне лидерот на Хамас Јахја Синвар, кој одбива да испрати делегација на преговорите и кој беше и останува единствената пречка за договор за заложниците“, се наведува во изјавата.

Кабинетот на Нетанјаху повтори дека „апсолутната победа“ е јасна директива од премиерот и е обврзувачка за сите, вклучувајќи го и Галант. ссм/

фото: архива

Остани поврзан