• вторник, 17 декември 2024

Радев: Ако оваа недела е потребна за разговори, на почетокот на следната не можам да дадам мандат, ќе одиме по Нова година

Радев: Ако оваа недела е потребна за разговори, на почетокот на следната не можам да дадам мандат, ќе одиме по Нова година

Софија, 16 декември 2024 (МИА) - Ако оваа недела навистина е потребна за разговори, на почетокот на следната недела не можам да доделам мандат, бидејќи влегуваме во божиќните и новогодишните празници. Тоа значи дека навистина ќе одиме по Нова година, изјави претседателот Румен Радев на новинарите по учеството на традиционалниот Годишен состанок на бугарските олимписки научни тимови, јави бугарската агенција БТА.

На прашањето колку време бара лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов и дали е јасно колку време ќе биде потребно за да го предаде мандатот, Радев рече дека нема договор за точно време, за точен временски опсег. Во петокот Борисов објави дека разговарал со претседателот и му рекол дека ќе им треба повеќе време.

Според шефот на државата, времето што го бараат политичките сили е оправдано само доколку парламентот, заедно со обидите за формирање влада, продолжи со нормална работа и го надополни пропуштеното.

-Очекувам до Нова година да има јасен резултат дали партиите имаат став, волја, желба да соработуваат и што е најважно да направат компромис. Формирањето влада во високо фрагментиран парламент бара пред сè компромис, рече претседателот.

„Очигледно, разговорите меѓу политичките сили одат напорно, а тоа се гледа и од фактот што им требаше цел месец да го изберат претседателот на Народното собрание, а тоа значи потреба од повеќе време за враќање на дијалогот и обиди да формира влада“, коментира Радев.

Наталија Киселова е избрана за претседател на 51. Народно собрание 25 дена по свикувањето на првата седница на Парламентот, која почна на 11 ноември, а во рамките на 11. пленарен ден, потсетува БТА.

-Гледам разбирање за потребата од формирање влада, но тоа е поврзано со многу особености за секоја од партиите, рече шефот на државата, додавајќи дека парламентот е силно фрагментиран, а партиите многу срамежливо си пристапуваат една на друга. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан