• четврток, 12 февруари 2026

Противпожарната служба на Грција примила над 900 повици за помош поради невремето во областа Атика

Противпожарната служба на Грција примила над 900 повици за помош поради невремето во областа Атика

Атина, 22 јануари 2026 (МИА) - Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, од рано утрово се пребројуваат штетите што ги нанесе невремето што ја зафати Грција во текот на вчерашниот ден, во кое две лица го загубија животот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од противпожарната служба на Грција информираа дека од вчера во 7.30 до 6.30 часот утрово во регионот Атика примиле 910 повици за укажување помош и биле реализирани 318 случаи на испумпувања вода, 32 на сечења дрвја, 61 на пренесување лица на безбедни локации и десет случаи за отстранувања на предмети.

Во Атина најпогодени беа населбите во јужниот дел на градот, каде што една 56-годишна жена го загуби животот, која додека се движела пеш, била повлечена од поројната вода на поплавена улица.

Обилните врнежи од дожд предизвикале лизгање на земјиштето на планината што е во близина на погодените населби, што резултира поројна вода со камења да ги исполни и поплави улиците и да повлече автомобили.

Утрово, улиците се полни со кал, камења, паднати дрвја, а нанесена е штета на домови и автомобили.

Според мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија на Атина и порталот „Метео“, во текот на вчерашниот ден до 19.30 часот по локално време во делови на Атина биле измерени меѓу 118 и 146,4 литри вода на квадратен метар, а многу големи количини врнежи од дожд од утринските часови биле регистрирани и во источниот дел на Пелопонез, на Евија, како и во други делови од земјата.

Во градот Астрос на Пелопонез животот го загуби припадник на крајбрежната служба на Грција додека бил на должност на пристаништето, а поради силниот ветер и брановите, паднал во морето. ср/јт/

Остани поврзан