• петок, 28 јуни 2024

Пропаѓа теренот на кого се пишуваше ракометната историја на Кичево

Пропаѓа теренот на кого се пишуваше ракометната историја на Кичево

Кичево 26 февруари 2022 (МИА) - Теренот во поранешниот Дом на ЈНА на почетокот од седумдесетите години беше ракометен епицентар не само во Кичево, туку и во државава, бидејќи на овој отворен терен се одиграле натпреварите на женскиот и машкиот ракометен состав, на тогашните машки и женски екипи со идентично име „Партизан“.

Натпреварите во тогашната Македонска ракометна лига беа вистински празник за жителите на Кичево и немаше натпревар на кој не беа присутни минимум 1000 гледачи, а на средбите со познатите екипи од републиката, имаше и повеќе од 2000 луѓе.

- За теренот во поранешниот Дом на ЈНА не врзуваат најдобрите спомени  поврзани со развојот на ракометот во нашиот град ,бидејќи тука почнавме да ја учиме ракометната абецеда а под еуфоријата на многубројните љубители на ракометот и спортот од градот, беа формирани најпрво машкиот а потоа и женскиот ракометен клуб „Партизан“ Кичево, вели Божана Милошеска, една од првите ракометарки на РК „Партизан“ во Кичево, која ги навраќа спомените на тоа време.

Таа истакнува дека било вистинско уживање да се биде домаќин на овие натпревари, бидејќи, како што вели, крај теренот биле собрани речиси сите млади од градот и во таква еуфорична атмосфера ретко кога бевме поразени. Милошеска посочува дека иако се играло на терен од асфалт, борбеноста била максимална.

- Бидејќи во градот не постоеше затворена спортска сала, ние повеќе од една деценија натпреварите ги игравме на отвореното игралиште и по дожд и на сонце и на секакво време и невреме. Но, кога ќе истрчавме на нашиот терен опкружени со бројна публика, воопшто не размислувавме дали теренот е тврд и непријатен и при паѓање да дојде до некаква повреда или не. Тоа беа времиња кои засекогаш ќе останат запишани во кичевскиот ракомет и спорт, кога градот живееше за ракометот и пулсираше во ритамот на успесите или поразите на кичевските ракометни клубови, вели Милошеска и нагласи дека навистина и е многу криво што денес овој терен е целосно запуштен без никакви спортски активности на истиот и по ништо не наликува на теренот на кој се пишуваше кичевската ракометна историја.

Васко Сиљаноски, тогаш меѓу најмладите во екипата, одлично се присетува на сите детали поврзани со тоа време, како да беше вчера. Истакнува дека единствено и е жал што теренот каде ги започнале првите ракометни чекори, неповратно пропаѓа без ничија грижа.

-  Кога се формира ракометниот клуб „Партизан“ бев меѓу најмладите во екипата, сепак поради големото другарство помеѓу играчите се чуствувавме како да сме исти. Амбиентот на нашиот терен беше  незаборавен и кога не ни одеше најдобро, громогласното навивање ни беше вистински адреналин што не водеше кон триумфи на повеќето натпревари. Нашиот легендарен тренер Томе Павичиќ, секогаш не мотивираше и ни даваше дополнителе стимул и против најдобрите да се чуствуваме дека сме рамноправни. Тие години и моменти поврзани со ракометните почетоци во градот и на теренот на поранешниот Дом на ЈНА, никогаш нема да се избришат од мојата меморија. Единствено ми е жал што теренот каде ги започнавме првите  ракометни чекори, неповратно пропаѓа без ничија грижа, вели Сиљаноски.за/фф/

Остани поврзан