• петок, 22 ноември 2024

Промоција на стихозбирката „Ѕвонливи тишини“ на Верица Мукоска, добитник на наградата „Бели мугри“

Промоција на стихозбирката „Ѕвонливи тишини“ на Верица Мукоска, добитник на наградата „Бели мугри“

Скопје, 22 декември (МИА) - Во рамки на традиционалната манифестација „Денови“ вечер од 18 часот во Домот на култура „Кочо Рацин“ ќе биде промовирана стихозбирката „Ѕвонливи тишини“ на Верица Мукоска,  добитник на наградата „Бели мугри“ за најдобра поетска книга од автор до 35-годишна возраст.

На манифестацијата ќе говори директорот на Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, Сафет Камбери, а ќе има и поетски поетски перформанси од актерите Димитрина Мицкоска-Трајкоска и Бобан Алексоски.

Верица Мукоска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје при УКИМ, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, каде е запишана на постдипломски студии по Македонска книжевност.

Првите стихови започнала да ги пишува уште во детството кога е објавена и нејзината детска стихозбирка: „Стихови од срцето на природата“ (2009). Романот „Дневникот на длабоките тајни“ е нејзино прво прозно дело (2017), потоа следува романот „Равенка на стравот“ (2021), а потоа и стихозбирката „Тајнописец“ (2022).

Делото „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа)“ е нејзино прво книжевно дело од областа на книжевната наука и теорија (2023).

Уредничка е на најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост“.

Демонстратор е на Катедрата за Македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје при УКИМ од 2021 година. Професорка е по македонски јазик и литература во Струга и управител на невладината организација „Креатив Тим 22“ од 2022 год. Пишува есеи, раскази, статии, текстови за музички песни и трудови.

Преведува дела од јужнословенските јазици и од англиски на македонски јазик. Има учествувано и настапувано како водител на повеќе литературни и културни фестивали и манифестации. Нејзини песни се објавувани во македонската и странската книжевна периодика. Членува во организациските одбори на Вевкул (Вевчанско културно лето) и Струшки книжевни средби од 2018 год. ар/лв/
Фото: Дом на култура „Кочо Рацин“

Остани поврзан