• четврток, 25 јули 2024

Промоција на книги од Виолета Наумовска и концерт на пијанистот Симо Шишевиќ на програмата на „Скопско лето“

Промоција на книги од Виолета Наумовска и концерт на пијанистот Симо Шишевиќ на програмата на „Скопско лето“

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) -Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ денеска, ќе се одржи промоција на дела од авторката Виолета Наумовска, а вечер концерт ќе одржи пијанистот Симо Шишевиќ од Црна Гора.

Во 12 часот во Сули ан ќе се одржи промоција на книгите „Огне“ и „Време за желби“ на Наумовска. Промотори на настанот се проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, Братислав Димитров и Горјан Петрески.

Пијанистот Шишевиќ (Црна Гора/Велика Британија), вечер, пак, со почеток во 20:30 часот, во Музејот на македонската борба, првпат ќе одржи концерт пред македонската публика. На концертот ќе бидат изведени дела од Брамс, Метнер, Рахманинов, Лист и Мариќ. Концертот е во соработка со Амбасадата на Црна Гора во Република Северна Македонија. 

Како што посочуваат организаторите - Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, со зборовите на проф. Гордон Фергус Томпсон од RCM-Royal College of Music, Шишевиќ „е еден талентиран пијанист чија дисциплина и посветеност се втемелени. Тој веќе ги поседува корените на силен виртуозо, неговата техника, интелектуална љубопитност и музикалност инспирираат софистицирани интерпретации“.

Симо Шишевиќ е класичен концертен пијанист од Црна Гора. Пораснал во Бар, Црна Гора каде што почнал да свири пијано на свои шест години. Неодамна дипломирал на BMus (Hons) програмата на Кралскиот Колеџ за музика во Лондон со Прва класа почести, прво со познатиот пијанист Гордон Фергус-Томпсон и неодамна со познатиот британски професор Џон Брн.

Студирал чембало две години во Кралскиот колеџ за музика под признатата чембалистка Џејн Чепмен и фортепијано со Џефри Говиер. Досега Шишевиќ имал многу ангажмани, концерти, рецитали, фестивали. Има освоено многу национални и меѓународни натпревари и присуствувал на мастеркласи со истакнати пијанисти и професори по пијано. Тој исто така е композитор и студира диригирање. Репертоарот на Шишевиќ се движи од раниот барок до современа музика, наведуваат од Дирекцијата за култура и уметност.

Билетите за концертот на Шишевиќ се во продажба на karti.com.mk. вг/

Фото: Дирекција за култура и уметност - Скопје

 

Остани поврзан