• петок, 22 ноември 2024

Промовиран романот „Атласот на тајните“ на Дејан Крстески

Промовиран романот „Атласот на тајните“ на Дејан Крстески
Гостивар, 5 јули 2021 (МИА) - „Атласот на тајните“ првиот роман на Дејан Крстески вечерва беше промовиран пред љубителите на книжевноста во Гостивар. Петтото дело на овој млад гостиварски книжевник е самостојно издание, кое како што беше кажано на промоцијата во центарот за млади (YCC) e психолошки роман на околу 330 страници. Во рецензијата за романот, поетесата и новинар Љупка Антеска ќе подвлече: „Атласот на тајните“ е роман кој раскажува за човекот, на едноставен начин успева да го раслои, да посочи кон мрачните страни од кои секој поединец бега, а истовремено не е роман кој суди и вперува прст. Крстески, на претставувањето на последното дело напомена дека станува збор за роман во роман, книга во книга, а за содржината откри дека се работи за две паралелни приказни за два пара кои се составуваат на крајот. Пораката од романот, за кој авторот рече дека е пишуван долго и дека првите делови се настанати пред десет години е негување на почитта во меѓусебните односи. Дејан Крстески е роден 1986 година. Дипломирал македонски јазик и книжевност на филолошкиот факултет и психологија на филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Досега издал збирките раскази „Поглед кон небото“ и „Чист хероин“ и стихозбирките „Луѓе без лица“ и „Херои од хартија“. Добитник е на повеќе литературни награди и признанија. згм/ир

Остани поврзан