• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Промовиран вториот том од романот „Пронајденото време“ од Пруст во превод на проф. д-р Марјановиќ

Промовиран вториот том од романот „Пронајденото време“ од Пруст во превод на проф. д-р Марјановиќ

Скопје, 8 април 2025 (МИА) - Во рамки на манифестацијата „Денови на Франкофонијата“, се одржа промоција на вториот том од романот „Пронајденото време“, последен дел од капиталното дело „Во потрага по загубеното време“ на францускиот писател Марсел Пруст, во превод на македонски јазик од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ.

Промоцијата ја организираа Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“. На промоцијата беа собрани претставници на академијата и културата во чест на на заокружувањето на еден од најзначајните преведувачки подвизи во македонската книжевна историја.

-Со објавување и промовирање на вториот том од романот „Пронајденото време” од романескниот циклус „Во потрага по загубеното време” од Марсел Пруст се заокружува еден од најобемните и најзначајните преведувачки подвизи во македонската културна средина, долгогодишниот сон на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кој како редок библиофил, пасиониран љубител и познавач на француската литература, со огромен ентузијазам и творечка возбуда го вложи своето кондензирано и духовно исполнето „пронајдено” време, преведувајќи го едно од најзначајните капитални прозни дела на ХХ век, изјави деканот на Филолошкиот факултет, Владимир Мартиновски.

Според него, раскошната лексика, суптилните наративни стратегии, бравурозната раскажувачка синтакса, океанските мисловни хоризонти и високите естетски дострели на Пруст, благодарение на преведувачките заложби на Марјановиќ, денес се достапни на македонските читатели. 

Александар Марјановиќ, син на професорот и директор на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, на промоцијата истакна дека оваа промоција не е само културен настан, туку таа е исполнување на сонот на неговиот татко.

-Речиси 15 години, со тивка упорност, работеше на овој превод, далеку од јавноста, но блиску до вечните вредности на книжевноста. Во негова чест, сите средства од продажбата на книгата ќе бидат наменети за поддршка на образованието на деца без родители. Тоа е најдобриот начин да му се оддаде почит – со дело што ќе продолжи да живее и да помага, рече Марјановиќ.

За книжевната и филолошката вредност на преводот говореа и проф. д-р Ирина Бабамова и проф. д-р Елисавета Поповска, додека со настанот модерираше проф.д-р Јоана Хаџи-Лега Христоска. Со оваа промоција, како што соопштија организаторите, македонската култура доби не само уште еден врвен превод на светска класика, туку и жив доказ дека трудот и визијата на еден човек можат да остават трајна духовна трага.бт/са/

 

Остани поврзан