• понеделник, 23 декември 2024

Промовиран „Архив на Хрвати во Македонија“ на настан во Тетово

Промовиран „Архив на Хрвати во Македонија“ на настан во Тетово

Тетово, 9 јули 2022 (МИА) -  Македонско – хрватското друштво во Тетово ја промовираше дигиталната платформа „Архив на Хрвати во Македонија“, достапна на www.arhivhr.mk преку која се опфатена околу 80 имиња на истакнати Хрвати: универзитетски професори, архитекти, уметници, економисти, правници, спортисти, актери, но и дигитализирани фотографии, уметнички слики и друг архивски материјал.  Главна порака на промоцијата што се одржа вчера беше мислата на Антун Густав Матош, „Само варварин може да ја исмејува историјата“.

-Важните јубилеји кои ги прославуваме оваа година, 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска, 29 години од формирањето на МХД во Скопје и 20 години од формирањето на МХД во Тетово, нѐ насочија кон размислување за една ефикасна заштита не само на овие 30  години, туку и на многу години претходно, истакна Марко Видачек од МХД.

Пред присутните се обрати претседателот на МХД, Недиљко Ромац, кој се осврна за досегашните резултати на МХД во изминатите 20 години.

Првите допири на македонскиот и хрватскиот народ ги објасни историчарот Љубиша Марковиќ. За уметничката и историската вредност на епохалните дела „Зборникот на Миладиновци“ и „Бели мугри“ издадени во Хрватска говор имаше писателката Славица Дабевска Кировска.

Симона Копривњак од Хрватскиот Форум, говореше за 10-тина Хрвати професори доајени на Медицинскиот факултет во Скопје.

окрај бројката од 80-тина имиња, во склоп на истражувањата пронајдени се уште 30-тина имиња на професори и наставници кои работеле во Македонија, а кои во оваа фаза на дигитализација не се опфатени во Архивот, поради некомплетноста на архивскиот материјал и потребата за дополнително истражување, посочи Видачек.

На промоцијата беа прикажани и две уметнички слики од Тетово на хрватскиот уметник Томислав Кризман, од 1919/20 година. Во делот на разгледници испраќани од македонските градови, прикажани беа две разгледници од Тетово: тетовскиот плоштад и Попова Шапка. Исто така, прикажан беше и материјал поврзан со спортскиот живот во Тетово, како и ангажманот на Томо Каталиниќ, истакнат спортски работник, ракометар и ракометен тренер.

Во склоп на мултимедијалниот дел од архивот, се наоѓаат и скиците за фабриката „Тетекс“ почнувајќи од 1950-та година, дело на хрватскиот архитект Ѓуро Анцел. Во мултимедијалниот дел се наоѓаат и материјали од основањето на МХД во Тетово од 2002 година, прогласувањето на Стјепан Месиќ за почесен граѓанин на Тетово и др.

На настанот беше најавена промоција на книгата „Хрватски театарски актери и режисери што работеле во Македонија од 1913 година до 1941“ на авторот Зоран Пејковски наесен, а чии истражувања ќе бидат вметнати во архивот по промоцијата во Тетово.

Следна тема која ќе биде детално истражувана е посветена на доаѓањето на Хрватите во Тетово преку фабриката „Тетекс“, за што се очекува и објавување на публикација. ас/сст/

Остани поврзан