Промовирана публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“
- Од исклучителна важност е овој проект за нашата историја, историографија, книжевност, културологија. Овој проект е голем заради тоа што првпат се истражуваат и се откриваат скриените гласови
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) - Од исклучителна важност е овој проект за нашата историја, историографија, книжевност, културологија. Овој проект е голем заради тоа што првпат се истражуваат и се откриваат скриените гласови на жените во историја, рече Марина Мијаковска, една од авторките и истражувачите на публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“, која беше денеска промовирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Таа наведе дека преку овој проект се отвораат теми за женската присутност, односно, како што рече, ние трагаме по архивите на културното наследство односно на ретката периодика при која изделуваме и се задржуваме на три конкретни наслови во нашиот истражувачки фокус, а тоа се списанијата „Илинден“, „Смена“ и „Луч“.
- Преку овие три наслови ние ја откриваме присутноста на жените како историска појавност и историски глас. Глас што во историјата е скриен бидејќи знаеме дека историјата е создадена од мажите и е толкувана и креирана од машките авторитети. Тоа што е важно е дека ние откриваме кои теми се поврзани со жените и кои личности како жени, како женски битија, твореле, се појавувале во овој период меѓу двете светски војни, појасни Мијаковска.
Нада Бошковска, професорка на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот во Цирих информира дека во овој проект се работи за жената во македонската историја. Тоа, според нејзе, е малку обработувана тема.
- Во овој проект се истражуваше ситуацијата на жените во меѓувоениот период во вардарска Македонија од 1918 до 41 година и тоа се истражуваа списанија: списанието „Луч“ кое излегуваше тогаш во Скопје, списанието „Илустрација Илинден“ кое излегуваше во Бугарија во Софија тогаш и „Смена“ едно студентско списание. Темелно се истражуваше тоа, се бараа жени како авторки, жени како тема, како објекти на тие статии и мислам дека за првпат се влезе во подлабоко во тој период во таа смисла, со таа насока и тоа е големо достигнување, вели Бошковска.
Во ова истражување, како што рече, се покажа дека жените како авторки ретко се сретнуваат во тие списанија кои биле достапни.
- Проблемот беше што сето тоа мораше да се работи само со списанија кои беа скенирани, кои можеа преку интернет да се најдат, затоа што библиотеките и архивите беа затворени во тој период и тоа беа тие три воглавно и тука жени како авторки многу ретко се најдоа. Би морало да се продолжи со други списанија и извори и темелно да се обработи тоа прашање, посочи таа.
Покрај промоцијата на публикацијата, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ се одржа и конференција на која говорниците споделија искуства од архивирањето на изворите поврзани со женската историја, дигитализацијата и достапноста на тие извори како едукативни и други содржини кои се важни за еманципација на разни целни групи.
Меѓудругото беше поставена и изложба од уметницата Христина Иваноска којашто е насловена „Музеј на женски приказни“ од 2015 година, но, како што посочија организаторите, темпоријално не е ограничена, а нејзината тема е слична со темите кои се обработуваат во проектот.
Христина Иваноска создава интердисциплинарни дела преку кои ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата.
Публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“, нуди авторски текстови и систематизирана библиографија за појавноста и видливоста на жените во печатените медиуми од меѓувоениот период. Публикацијата ја изготви тим од осум истражувач(к)и, и тоа Нада Бошковска (стручна соработничка/предговор), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (прирачник со препораки за крос-институционални политики). Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска од ЦИНИК - Скопје. см/мс/