• сабота, 13 декември 2025

Промовирана пилот-епизода од нова анимирана серија за деца „The Toothstars“

Промовирана пилот-епизода од нова анимирана серија за деца „The Toothstars“

Скопје, 12 декември 2025 (МИА) – Во киното „Синеплекс“ денеска премиерно беше прикажана пилот-епизода од новата анимирана серија за деца –„Фамилијата Тутстарс“ (The Toothstars) – која е резултат на соработка меѓу продукцијата „Светот на Биби“ и InnovaRights & Licensing - партнерска компанија основана од DexyCo во Србија. 

Режисер е Гоце Цветановски кој изјави дека се работи за нова франшиза наменета за деца од шест до девет години односно  повозрасни деца од таргетот на „Светот на Биби“. 

Серијалот „Тутстарс“ (засега насловот е англиски зашто македонската верзија не е сè уште брендирана) е приказна за група/семејство на забни самовили т.е. „забовили“ чија мисија е да ги штитат детските насмевки, да ги собираат паднатите детски запчиња и од нив да креираат ѕвезди на небото. Негативен лик во авантурата е Лорд Кариес, тој е непријател на забовилите кому му пречи хигиената и светлината. Епизодата во траење од 11 минути спојува забава, учење и детска фантазија.

-Тоа е една магична авантура во која може да се препознае секое дете, затоа што сите деца кога ќе загубат заб, тоа за нив е малку страшен, малку чуден и секако важен момент кога се и горди бидејќи тоа значи дека растат. Со оваа серија ние сакаме да додадеме малку магија на тој важен момент од детството. Ја завршивме пилот-епизодата, квалитетот е на многу високо, на светско ниво. Тоа беше нашата цел – да направиме производ кој ќе може да се прикажува низ цел свет и со кој ќе можеме да се гордееме и да кажеме дека тука е сработено, изјави Цветановски. 

Пилот-епизодата е работена околу осум месеци. Најголем дел го поминале во предпродукција, во разработка на приказната и ликовите за, како што рече, серијата да изгледа светски и модерно, а не како од пред 20 години. 

-Одговорни сме пред оваа публика која е најискрена и за да го задржите вниманието на децата е потребно сè да биде како што треба. Предизвик беше и самиот продукциски квалитет. Мислам дека ја собравме најквалитетната екипа којашто можевме во регионот ... Сценариото е потпишано од Билјана Црвенковска, директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, практично  целата креативна екипа од „Светот на Биби“ работи на овој проект, изјави режисерот.

Од наредната година ќе почнат со работа на наредните епизоди од серијалот. Пилот-епизодата е бонус во  серијалот кој во првата сезона ќе има 13 епизоди по 11 минути и ќе се прикажува на телевизии.

-Во моментов преговараме, веќе имаме неколку телевизии од регионот коишто се заинтересираа и со кои потпишавме. Исто така, почнуваме со меѓународна презентација од наредната година на неколку места. Денес во „Синеплекс“ е светската премиера. Пилот-епизодата наскоро ќе биде достапна на Јутјуб, а целата серија ќе ја имаме кон крајот на идната година и тоа ќе биде новогодшен подарок за децата, додаде режисерот. хс/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан