• недела, 22 декември 2024

Производителите да продолжат со заштита на посевите, да се зацврстат и пластениците поради најавите за засилен северен ветер

Производителите да продолжат со заштита на посевите, да се зацврстат и пластениците поради најавите за засилен северен ветер

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Ако временските услови дозволуваат, земјоделските производители треба да продолжат со заштита на посевите. Посебно е важно ѓубрењето, но се препорачува и примена на сите агротехнички мерки.

Според агрометеоролозите од УХМР, поради најавите за засилен северен ветер во недела попладне и во понеделник, се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции и да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води.

Врнежите од дожд и снег на повисоките места кои паднаа минатата недела, придонесоа, нагласуваат, за зголемување на влагата во почвата, како и за надополнување на вештачките акумулации.

-Врнежите обезбедуваат добра залиха на влага за идниот вегeтациски период. Влажноста на почвата во овој период од годината има особено големо влијание за есенските посеви кои се во фаза на братимење кое, пак, има директно влијание врз приносот на житата. Отука, на братимењето треба да му се посвети посебно внимание, а тоа зависи од многу фактори. Како еден од поважните е токму влажноста на почвата, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.

Во однос на ѓубрењето, потенцираат дека мора да се земат предвид потребите на почвата за да се оцени дали третманот ќе биде со суперфосфати или калиумови ѓубрива.

-Во сабота попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има повремени врнежи од дожд. На планините, а во недела и на некои од повисоките места, врнежите ќе бидат од снег. Во недела попладне и во понеделник ќе дува засилен северен ветер. Се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив, препорачуваат агрометеоролозите од УХМР. мч/са/

фото: МИА архива

Остани поврзан