• сабота, 21 декември 2024

Проектот „Купи куќа за млади“ ќе се реализира по Нова година, најави вицепремиерот Николоски

Проектот „Купи куќа за млади“ ќе се реализира по Нова година, најави вицепремиерот Николоски

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - По Нова година ќе излеземе со условите и начинот на кој младите брачни двојки ќе можат по поволни услови да учествуваат на проектот „Купи куќа за млади“, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски. 

-Сакам да најавам дека од следната година, ќе почнеме да го развиваме проектот „Купи куќа за млади“ кој треба да им овозможи на многу млади брачни двојки да се стекнат со сопствен дом по исклучително поволни услови.  Затоа ги спремаме плановите и после Нова година ќе излеземе со конкретни предлози во кои општини ќе може тоа да се реализира и на кој начин ќе можат младите брачни двојки да добијат поддршка и помош за сопствен дом, изјави министерот Николоски на настанот во организација на Сојузот на стопански комори поврзан со иновативни решенија за паметни домови.

Нагласи дека иновативните предлози значат забрзување на стопанскиот и економскиот раст. 

-Дополнително има уште еден сегмент кој се однесува на дуалното образование и мислам дека тоа е клуч за генерациите што доаѓаат и нешто што треба да даде нова можност за македонската економија. Тука ги вклучуваме и иновативните решенија во однос на начинот на градење и изведба на објекти. Ние како Влада стоиме на располагање со цел да дадеме поддршка на вакви иницијативи, истакна Николоски.вј/са/ 

Фото: Министерство за транспорт 

 

Остани поврзан