• петок, 22 ноември 2024

Продолжува Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД

Продолжува Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД

Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Во Вашингтон продолжува Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД во кој досега се одржаа неколку сесии на кои беа отворени теми од интерес за соработка меѓу двете земји.

Во вториот дел од дијалогот ќе се одржат панелите за Владеење на право и Добро владеење, Трговија и инвестиции. Се очекува биде направен и пресек на билатералната соработка.

Стратешкиот дијалог почна вчера со воведни обраќања на шефовите на делегациите, министерот за надворешни работи Бујар Османи и државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД Карен Донфрид.

Се одржаа панели за Регионалните иницијативи, Поврзувањето на граѓаните, Безбедноста и одбраната и за Енергетика и животна средина. Покрај министерот Османи, свои излагања имаа и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за економија Крешник Бектеши и за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, соопшти МНР.

Во рамките на дијалогот беше направен преглед на состојбите и напредокот на земјата по сите теми, како и улогата и поддршката која САД ја обезбедуваат во сите области од взаемен интерес. Беа усогласени голем број теми.

Во вториот дел од Стартешкиот дијалог покрај присутните министри, преку видео конференциска врска ќе се вклучи и заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

По завршувањето на Стратешкиот дијалог предвидено е да биде донесена Заедничка изјава меѓу Северна Македонија и САД, со која ќе бидат реафирмирани заедничките заложби за понатамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји. Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора Стратешки дијалог со САД, кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.са/лв/  

Остани поврзан