• понеделник, 23 декември 2024

Програмата за развој на заедницата одбележува две години активна работа

Програмата за развој на заедницата одбележува две години активна работа

Скопје, 18 јули 2023 (МИА) - Програмата за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, денеска одбележува повеќе од две години активна работа за подобрување на квалитетот на животот во руралните заедници со фокус на источниот дел од државата.

Од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија информираат дека преку охрабрување на соработката помеѓу локалните актери во руралните средини, меѓу кои се жителите, локалната самоуправа, граѓанскиот и приватниот сектор, реализирани се повеќе од 10 локални акции на заедницата кои се одвивале низ партиципативен процес во кој самите жители на заедницата идентификувале и решавале локални предизвици.

Програмата опфаќа 18 општини од североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион. Во нејзини рамки поддржани се и ќе се поддржат - изградбата на патна и комунална инфраструктура во селото Ума, општина Гевгелија, чистењето на реката Писа во Пехчево, санација на кејот и поставување урбана опрема, оградувањето депонија во општина Босилово, изградбата на нов парк во село Чанаклија, општина Василево. Нов парк за миленици во општина Штип и нов екоплоштад во општина Старо Нагоричане, партерното уредување во село Лубница, општина Конче, изградбата на дел од фекалната канализација во индустриската зона Барта во Богданци, поставувањето енергетски ефикасно осветлување на градскиот парк во Делчево. Меѓу проектите се и вклучувањето на фотоволтаична централа во снабдувањето на селото Калуѓерица, општина Радовиш и јавното осветлување со постојана електрична енергија, отворањето нов претшколски едукативен центар во општина Босилово и забавни детски катчиња со игралишта во селото Владимирово, општина Берово и село Чифлик, општина Пехчево, опремување нов фитнес центар на отворено во општина Ново Село, како и поставувањето на нова туристичка патека за рекреативно јавање коњи во општина Куманово.

-Кога членовите на самата заедница ќе иницираат локални акции, ќе се мобилизираат и ги реализираат заеднички, локалните предизвици се решаваат најефикасно. Среќни сме што го поддржуваме овој процес, истакна Петар Ѓоргиевски, директор на Програмата и претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.

Од Мрежата за рурален развој информираат дека со цел стекнување на нови знаења се организираат и обуки за претставници на ЛАГ-овите и локалните граѓански организации, како и бројни настани за промоција на руралниот развој, локални бизниси и здруженија како што е ЛАГ Експо – прв саем за локален развој во државата.

Програмата е во партнерство со пет Локални акциски групи (ЛАГ-ови) – Абер 2015, Беласица-Огражден, Бојмија, Малеш-Пијанец и Плачковица и е поддржана од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). сан/мд/

Фото: Мрежа за рурален развој на Северна Македонија

 

Остани поврзан