• петок, 22 ноември 2024

При интегриран балкански туристички производ, може да очекуваме дополнително околу 250 000 туристи од пазари како Северна и Јужна Америка и Југоисточна Азија, посочија за БТА од Министерството за туризам

При интегриран балкански туристички производ, може да очекуваме дополнително околу 250 000 туристи од пазари како Северна и Јужна Америка и Југоисточна Азија, посочија за БТА од Министерството за туризам

Софија, 22 октомври 2024 (МИА/БТА) - Бугарија и Црна Гора ги здружуваат силите за развој на одржлив туризам на Балканот. Во рамките на официјалната посета на техничкиот министер за туризам на Бугарија, Евтим Милошев, во Црна Гора, идејата на Бугарија државите од Балканот да се претстават со заеднички туристички производ пред далечни држави се приближува до својата реализација. Придонес за тоа ќе има и отворањето на директни авионски врски меѓу главните градови на државите од Балканот, а потенцијално дестинацијата „Балкан“ ќе може да се рекламира на далечни пазари како Јапонија и САД, соопшти за БТА техничкиот министер за туризам Евтим Милошев. Така, на пример, од министерството пресметале дека во следната година, при интегриран балкански туристички производ, може да се очекуваат дополнително околу 250 000 туристи од пазари како Северна Америка, Јужна Америка и Југоисточна Азија.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Милошев одржа повеќе состаноци на највисоко ниво за време на официјалната посета на Црна Гора, претставувајќи ја визијата за „Нова туристичка дестинација Балкан“ - заедничка туристичка дестинација што ги обединува балканските земји. „Веќе остварив посети во Турција и Романија, каде што ја разгледавме идејата за интегриран балкански туристички производ. Во Јапонија разговаравме на оваа тема со министерот за туризам на Црна Гора, Симонида Кордиќ, што доведе до оваа посета и потпишувањето на Планот за заеднички активности во областа на туризмот за периодот 2025-2027 година. Претстојат разговори со министерот Мирела Кумбару во Албанија, како и, се надевам, со министерот за туризам на Грција, г-ѓа Олга Кефалојани. Досега можеме да кажеме дека „Бренд Балкан“ наидува на голема поддршка, бидејќи тоа е шанса за сите нас“, нагласи Милошев.

Во рамките на средбата со парламентарната Комисија за туризам, земјоделство, екологија и уредување на територијата на Црна Гора, претседателот на комисијата Дејан Џуровиќ истакна дека искуството на Бугарија во зимскиот туризам и успешните примери како курортите Банско и Пампорово се од клучно значење за развојот на зимскиот туризам во Црна Гора, соопштија од Министерството. „Бугарското искуство е вредно за нас и може да го забрза развојот на Црна Гора како целогодишна туристичка дестинација“, посочи Џуровиќ. Одржливоста беше дефинирана како основен принцип во развојот на туризмот.

Министерот Милошев ја потенцираше потребата од создавање редовна авионска врска меѓу Софија и Подгорица како важен чекор кон реализацијата на интегриран туристички производ на Балканот. „Еден лет од 40 минути може да ги трансформира можностите за туризам, културна размена и економска соработка меѓу нашите две земји“, изјави Милошев. Тој додаде дека поврзаноста меѓу главните градови е клучна за привлекување туристи од далечни пазари како Јапонија и САД, кои сакаат да посетат неколку балкански држави во рамките на едно патување.

Министерот Милошев одржа и разговори со потпретседателот на парламентот на Црна Гора, Зденка Поповиќ, која е и претседател на Групата за пријателство со Народното собрание на Република Бугарија. На средбата присуствуваа и членови на групата за пријателство, меѓу кои и Дане Марковиќ, Зоја Бојаниќ-Лалович, Слаџана Калуџеровиќ и Оскар Хутер. За време на дискусиите беше потенцирано значењето на зајакнатата соработка меѓу Бугарија и Црна Гора во областа на туризмот.

Во рамките на официјалната посета на Црна Гора, министерот за туризам, Евтим Милошев, се сретна и со премиерот на Црна Гора, Милојко Спаиќ. За време на средбата, министерот Милошев ја потенцираше важноста од создавање интегриран туристички производ што ги обединува Бугарија, Црна Гора, како и други балкански држави, со кои веќе се одржани разговори. Министерот Милошев го истакна значењето од воспоставување воздушна линија меѓу Софија и Подгорица како прв чекор во овој процес, и наиде на поддршка од премиерот на Црна Гора, Спаиќ. Има интерес од три оператори за воспоставување редовни и чартер-летови, а проектот има потенцијал да започне во пролетта 2025 година. „Ако обезбедиме воздушна поврзаност, бизнисот сам ќе не следи и ќе се развие и во туристичкиот сектор и во други економски сектори“, потенцираше Милошев за време на средбата со премиерот на Црна Гора. Црна Гора и Бугарија имаат голем потенцијал за развој на културно-историски туризам, СПА и велнес туризам, како и вински и кулинарски доживувања што можат да привлечат посетители од целиот свет. „Ова е одржлив туризам што можеме да го понудиме на глобалниот пазар во текот на четирите сезони“, изјави министерот. Вчера, министерот Милошев и министерот за туризам на Црна Гора, Симонида Кордиќ, потпишаа План за заеднички активности во областа на туризмот за периодот 2025-2027 година. Со овој документ, двете држави преземаат обврска за зајакнување на соработката во клучни туристички области, вклучувајќи зимски, културен, вински, аџилачки и СПА туризам, како и изразија волја за обезбедување воздушна поврзаност меѓу балканските главни градови.

Министерот Кордиќ го потенцираше значењето на планот, изјавувајќи: „Важно е да имаме формална рамка за нашата успешна соработка. Се надевам дека наскоро ќе преземеме конкретни чекори за да ги зближиме Црна Гора и Бугарија и да се претставиме заедно пред туристите од подалечните пазари. Од суштинско значење е да покажеме политичка волја и да обезбедиме можности за економска соработка во корист на двете земји. Туризмот е мост, туризмот е влезна точка, и кога овој мост ќе биде отворен, низ него ќе поминуваат многу економски активности.“

Потпишувањето на овој план е важен чекор кон реализацијата на визијата за „Дестинација Балкан“ и е клучен елемент за одржливиот развој на туризмот во регионот. Се очекува во пролетта 2025 година да биде отворена директна авионска линија меѓу Софија и Подгорица, што ќе ги олесни не само туристичките, туку и економските врски меѓу двете држави, истакнаа од бугарското Министерство за туризам.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан