• понеделник, 23 декември 2024

Примена на „методот на мали чекори“ и политичка волја за нов Деловник на Собранието

Примена на „методот на мали чекори“ и политичка волја за нов Деловник на Собранието
Скопје, 12 ноември 2022 (МИА) – Заедничката стратешка цел земјата да стане дел од Европската Унија, според политичките елити во земјата, треба да се реализира „по различни патишта“. Тоа доведува до постојани разидувања во ставовите, вербални судири и неефикасност. Еден од последните примери за тоа е средбата на работната група во рамки на Жан Моне процесот за измени или нов Деловник на Собранието. И целата слика може да се промени за многу кусо време и конечно да се реализира посетата на куќата на Жан Моне, еден од татковците на ЕУ, доколку само македонските пратеници го применат неговиот „метод на мали чекори“ и постигнат договор, што всушност ќе биде поен и за Европскиот парламент и неколкумина европратеници, со чија поддршка се реализира овој процес. Ќе има или ќе нема измени или нов Деловник, засега никој во Собранието не може да каже, иако минатиот состав на Парламентот беше блиску до постигнување договор, но тогаш проблем беше името на државата за што ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваше. Во овој мандат се појавија нови проблеми во функционирањето на законодавниот дом што предизвика потреба од негово доуредување. До претходната средба, разговорите се одвиваа во рамки на политичката коректност, што не беше случај со последната средба која се случува по објавувањето на Извештајот на ЕК и забелешките во него. Наместо тоа што би можело да биде променето во Деловникот и зошто, медиумскиот фокус од оваа средба беше отуството на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА го објаснува процесот на работа по следниот Деловник, нагласувајќи дека неговата цел е да се донесе консензуално Деловник што ќе биде за сите следни парламентарни состави. -Разгледувањето на Деловникот е процес кој што трае и се уште не е завршен. Начинот на работа е со одење член по член од актуелниот Деловник за работа, со последниот изготвен работен текст од службата која е дел од работната група. Службата, после секоја работна средба ги внесува договорените измени во работниот текст. Тие во ниту еден случај не се конечни, затоа што како што кажав и претходно, тоа е процес. При секоја средба се случува да се навратиме на прашање, кое не е претходно воочено дека ќе биде во колизија со некој нареден член на кој што се надоврзува некое претходно постигнато решение и затоа пак треба да се преиначи или преформулира, вели Џафери. Без оглед на обемноста и изгледот дека ова нема крај, потенцира тој, ние сме подготвени на тоа, сепак нема да застанеме, туку ќе бидеме решителни докрај, додека не дојдеме до најсоодветните решенија кои ќе биде прифатено од сите членови на групата. -Како што сум кажал и порано, ова ќе биде Деловник за сите пратенички состави, без оглед кој е на власт, а кој во опозиција. Засега, можам да кажам дека имаме усогласен став за конститутивната седница, за изборот на потпретседатели што во предлог деловникот е вметнат во нова Глава II-a, измената за разработка на Член 33 - пратенички групи, во најголем дел е усогласен. Разработката на пратеничките прашања од опозиција во одреден дел може да се каже дека во најголем дел е усогласена. Разработката на интерпелацијата во одреден дел би можело да се каже дека во најголем дел е усогласена. Разработката на член 69 став 3 во однос на внесување на точка на дневен ред од опозиција би можело да се каже дека во најголем дел е усогласено, изјави Џафери за МИА. Посочува дека има уште отворени прашања, од кои прво прашање е Членот 1. - Но секако продолжуваме со работа се до постигнување на зацртаната цел - консензуален Деловник, вели претседателот на Парламентот. - На последната работна средба почнавме со Глава IX од Деловникот - Донесување на закони и други акти (Од Член 132 - до Член 166). На претходните три средби се поминати Членовите од 1 до 132 при што, се оставени отворени прашањата на кои ќе треба повторно да се навратиме за конечно усогласување и на отворените прашања, појаснува тој. Опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица не присуствуваа на последната средба, а Џафери најави дека ним ќе им бидат испратени белешки од состанокот.  Белешките, вели Џафери, ќе бидат пратени заедно со Записникот кога ќе биде готов работниот текст од Службата со внесените измени. -Тогаш членовите што не беа присутни на средбата ќе имаат можност писмено или и усмено ако сакаат да ги кажат своите размислувања и ставови. Нема прецизен рок, меѓутоа тоа не значи дека ќе се чека до недоглед, поентата е да се биде експедитивен и рационален, нагласува Џафери. Состанокот со тројцата европратеници се планира кога Работната група во Собранието ќе дојде до речиси крајното, усогласено решение за Деловникот и ќе остане уште сосема мал дел за решавање и заедничко усогласување. -Целта ми е да покажеме дека сме зрели, способни и свесни дека Деловникот е над се водич кон функционално Собрание, во кое интересот на граѓаните ќе биде над се, а не личниот или партискиот интерес. Тоа ќе биде Деловник за сите актуелни и идни парламентарни состави, со речиси немање простор за злоупотреба на недореченостите или непрецизните решенија во него, потенцира Џафери. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески ја нагласи важноста од создавање Деловник со учество и на пратениците од мнозинството и на пратениците од опозицијата со дијалог и со консензус. Во изјавата за МИА тој се наврати на 2008 и на 2013 година, кога е донесена последната измена на Деловникот без учество на тогашната опозиција. -Со оглед на тоа што не е добра пракса влеговме во процес на Жан Моне за да имаме дијалог и да најдеме заеднички јазик како треба да изгледа новиот Деловник на Собранието. Пак го спомнувам зборот новиот но тоа може да значи измена на постоечкиот или целосно нов деловник, но тоа не е битно, битно е да обезбедиме консензус и да ги решиме сите прашања, кои на некој начин можам да кажам се и недоречени или даваат простор за злоупотреба, вели Митрески. Во минатиот состав на Парламентот, посочува тој, веќе постоела согласност меѓу власта и опозицијата во Собранието за најголем дел од прашањата што се сметале дека мора да се додефинираат. Тогаш, вели Митрески, бевме многу блиску до договор, но се распушти Парламентот и дојде нов мандат на Собранието кога се отворија и други прашања што никогаш претходно не биле земени предвид. -Сега имаме создавање на нова пракса. Никогаш претходно немало случаи претседател на Комисија да не закажува седница за точки за кои пленумот определил дека треба да се разгледуваат. Ние во овој мандат имаме ситуација во која работните тела по определени закони не закажуваат седници по една година или година и половина. Фактички ставањето на претседателот на Комисијата над пленумот. Дојдовме до ситуација и овие прашања да ги разговараме, рече Митрески. На последната средба во рамки на Жан Моне процесот, вели Митрески било разговарано за постапката за носење на законите во редовна постапка, бидејќи има рокови, но не и за менување на работата на комисиите во смисла на она што се случи при изборот на уставни судии. Митрески вели она што се случи со уставните судии не е со цел да се дискутитра, туку да нема избор на уставни судии, алудирајќи на долгите говори на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и процедуралните забелешки. -Точно е дека немало пракса досега да се издвојат кандидатите за судии бидејќи не врши избор Комисијата, врши избор пленумот. Комисијата може да даде предлог што може да падне на пленарната седница, меѓутоа ниту пак може да биде забрането. Ние кажавме дека треба да има тројца, што ако Комисијата избарала двајца. Никаде не стои дека не може да бидат издвоени. Зошто ова сега се издвојува како прашање? Зошто досега не било пракса? Затоа што никогаш никогои не скратил право на мнозинство да избре нивни кандидати или кандидат кој треба да биде избран од сите, вели Митрески. Во врска со Деловникот, Митрески вели дека идејата била пратениците сами да седнат како луѓе избрани од граѓаните да направат определен договор и кога во тајмингот кога би дошле европратениците да има приближно готов текст. -Мислам дека сме доволно зрели и како демократија сами да седнеме и да ги решаваме проблемите, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ. Митрески вели дека не може да каже дека нема дијалог во Собранието и мисли дека преголемо е влијанието на политичките партии односно „попрецизно на една политичка партија врз работата на пратеничката група“. -Затоа што се сеќавате имапе интерпелација за претседателот Џафери, а една од забелешките беше дека немал соработка и дијалог со опозицијата. Баш обратно. Јас како претседателот на најголемата партија во мнозинството сум реагирал кај претседателот затоа што имал поголема соработка со опозицијата или договарале поблиску нешто што ќе се случува во Собранието без мое присуство или без учество на мнозинството. Јас тврдам дека претседателот на Собранието имаше соработка за тоа што ќе се случува во Собранието, изјави Митрески. Втора работа е, според него, политичката одлука на ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада и тоа е поличка одлука. -И тука веќе се запира процесот на дијалог кога веќе активната блокада значи блокирање на се што се случува во Собранието, потенцира Митрески. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според координаторот Никола Мицевски, до петокот претпладне  немаше добиено записник за тоа што е разговарано на последната, како што вели во изјавата за МИА „т.н. средба Жан Моне“. -Велам т.н. затоа што не ја гледам целта на собирот без ВМРО-ДПМНЕ, која што е најголема пратеничка група во Собранието на Република Македонија. Жан Моне процесот има еден принцип по кој функционира, а тоа е: „Доколку се не е договорено, ништо не е договорено”, и затоа не ја гледам целта на тоа продолжение. Единствената цел им беше да покажат дека ВМРО - ДПМНЕ не учествува, но тоа не им успеа. Не им успеа очајниот обид за манипулација, вели Мицевски. Според него, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ досега активно учествувала во сите средби од Жан Моне процесот, така ќе беше и овој пат, но за него се нејасни причини дека раководството на Собранието одлучило средбата да биде без опозициската поартија. -Тие одлучија дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да биде консултиран ниту за денот, ниту за терминот на одржување на Жан Моне средбата. Тие си одредија и утврдија термин, иако знаеја дека ние како пратеничка група веќе имавме закажани меѓународни и домашни средби со одредени претставници. Поради тоа, единствена причина поради која што ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на средбата е односот на раководството на Собранието, никој друг, вели Мицевски. Оттука, потенцира координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката група ќе има активно учество и во понатамошниот период, со конкретни забелешки на одредени воочени недоследности во самиот Деловник, со цел за подобрување на финалноста на работењето на Собранието. Измените што се дискутираат се тековна активност каде сите ги даваат забелешките по одредени членови и нивно интерпретирање и применување, а на крај консензуално се прифаќаат или отфрлаат. -Но она што е спорно е непринципиелниот однос на власта кон примената на Деловникот. Да се разбереме, ние Деловник имаме, но тој не се почитува веќе подолг период, се толкува селективно и секогаш во корист на владејачкото мнозинство. И тоа не само од претседателот Џафери, туку и многу други претседатели на комисии и мнозинството во целост, впрочем и за таквото неделовничко работење, претходниот период имаме поднесено интерпелации за Џафери и уште две интерпелации за двајца претседатели на комисии. И тука е проблемот, различниот аршин во толкувањето и спроведувањето на Деловникот. Не може за едни да има, за други да нема Деловник и процедури, вели Мицевски. Не постои совршен Деловник, но во најголем процент, почитувањето на истиот, нагласува тој, зависи од човечкиот фактор и желбата за негово коректно имплементирање. -Тоа во моментов, за жал, во македонскиот Парламент го нема, смета Мицевски. Јавноста одамна ја критикува работата и дијалогот во Парламентот, а тоа се одрази и во Извештајот на ЕК за работата на Собранието. Мицевски вели: „Дијалогот е двосмерна улица. Во моментот се наоѓаме во едносмерна улица, во ќорсокак“. -Впрочем една од причините поради која што од мај оваа година не присуствуваме на координациите кај претседателот е непочитување на договореното, на Деловникот и процедурите, отфрлувањето на предлозите на опозицијата, не ставањето на интерпелации, информации, барања за разгледување на одредени работи, злоупотреба на европското знаменце и така натаму. Ова не го велам само јас или ВМРО-ДПМНЕ, ова го велат и е нотирано и во Извештајот на ЕУ, вели Мицевски. Кога сите овие работи ќе се нормализираат, кога навистина ќе има желба за дијалог и соработка, додава тој, тогаш ќе размислиме за нашето учество. -Се додека мислат дека најголемата пратеничка група во Собранието ќе биде само декор, ќе имаме нефункционално Собрание и одговорноста за тоа ќе биде исклучиво нивна, изјави Мицевски. Левица нема да учествува во дијалогот Жан Моне за измени на Деловникот, бидејќи смета дека целта на процесот не е донесување современ европски деловник за работа на Собранието и дека актуелниот Деловник им одговара и на власта и на опозицијата. -Тоа е обична фарса. Ние во почетокот како што учествувавме, лично јас учествував со конструктивни предлози, ги симнавме сите од Југославија до денес, ништо од тоа не се прифаќа.Тие имаат своја тенденција како тоа да го направат и не сакаме да го легитимираме веќе тој процес и наш претставник не учествува. Од средбата во Маврово па наваму ние не учествуваме, рече пратеникот Димитар Апасиев, кој е и претседател на Левица. Тој смета дека нема расположение да се донесе современ европски деловник и затоа што не им одговара. -Овој Деловник е донесен од Трајко Велјановски. Им одговара и на едните кога биле на власт, и на овие. Така што мислам дека нема искрена добра волја да се промени Деловникот, рече Апасиев. Пратеникот Фадил Зендели од Беса во изјава за МИА вели дека со добра волја на сите политички партии можеме да дојдеме до нов Деловник и да се креира подобра политичка клима во Собранието и помалку политички тензии. - Стоиме на ставот дека нов Деловник ќе беше подобра солуција за решавање на предизвиците во Собранието но и пошироко, но и со измени и дополнувања можат да се постигнат посакуваните реформи за поефикасен и поделотворен систем на функционирање на Собранието, вели Зендели. Смета дека нов или изменет Деловник треба да ја подигне ефикасноста на Собранието и да се воспостават поефикасни процедури со што ќе се зајакне капацитетот на донесување на закони, но и контролната функција на Собранието над извршната власт.  -За сето ова треба искрена политичка волја на сите политички партии, рече пратеникот на Беса. Потпретседателот на Собранието и повеќегодишен пратеник Горан Мисовски и поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во минатиот собраниски состав заедно работеа на приближување на ставовите на власта и опозицијата за измена или нов Деловник исто така во рамки на Жан Моне процесот. Во изјава за МИА, Мисовски потсетува дека во минатиот состав владејачкото мнозинство и опозицијата во Парламентот биле многу блиску до договор, но заради неприфаќањето на уставното име не се донесе нов Деловник. -Не постои совршен Деловник, туку треба да постои здрав разум и желба за движење на процесот кон европската перспектива на државата од страна на опозицијата, а не постојано блокирање на Собранието. Најдобра варијанта би била да донесеме нов Деловник што што би важел подеднакво и за работата на пленарните седници и на комисиите, вели Мисовски. Фокусот, според него, треба да биде: прецизна процедура за конститутивната седница, избор на претседател, употребата на европското знаменце, допрецизирање на роковите за закажување на комисиските седници, допрецизирање на седниците за пратенички прашања и најважно од се, како што нагласува, „опозицијата да се откаже од бесмислените блокади што не се европска вредност“. Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, пак, потсетува дека во Собранието постојат прекрасни материјали како треба да се работи демократично, да има поголема партиципација на опозицијата, ограничување на моќта на претседателот на Собранието... -Но, очигледно е дека овие четири минати години беа искористени само и само да се остава претстава пред меѓународната заедница дека власта сака демократија во Собранието, а всушност Собранието овие неколку години практично ги изгуби и оние малку демократски и репрезентативни карактеристики што ги имаше претхоидно. Не е проблем во тоа што е напишано во Деловникот туку проблем е во тоа како се спроведува, рече Димовски. Од тој аспект, како што потенцира тој за МИА, разговорите помеѓу власта и опозицијата во Собранието и не се единствен начин како може да се подобри неговата работа.  За почеток доволно е власта да ги почитува Уставот и Деловникот, вели Димовски. За работата на сегашната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Димовски вели според сите јавни истражувања негативното мислење на граѓаните кон власта е на високо ниво како никогаш досега и оттука сите демократски активности, кои може да ги превземе опозицијата, а ќе одат во насока на рушење на власта и предизвикување предвремени парламентарни избори природно ќе наоѓаат своја поддршка кај граѓаните. -Веќе не е прашање дали оваа власт ќе биде заменета, прашање колку побрзо тоа ќе се направи. Затоа пратениците на ВМРО имаат и голема задача и голема обврска, вели Димовски. Првата работна средба на Дијалогот во рамки на Жан Моне процесот се одржаа на 1 март 2021 година, втората на 15 март 2021, а третата беше во форма на работен викенд во Маврово на 7 и 8 мај 2022 година. На 8 ноември се одржа четвртата средба на работната група на Собранието. Елизабета Вељановска Најдеска  МИА Фото: Архива

Остани поврзан