• вторник, 25 јуни 2024

Примена на вештачката интелегенција и музиката: Помага, но кој може да ја замени душата на композицијата

Примена на вештачката интелегенција и музиката: Помага, но кој може да ја замени душата на композицијата

Скопје, 9 јуни 2024 (МИА) – Примената на вештачката интелигенција и новите технологии во музиката се присутни меѓу македонските музичари и артисти одамна. Некои од нив ги применуваат делумно, а некои повеќе. Согласни се дека тие можат да бидат од корист во повеќе сегменти во креирање на музиката, но и во постпродукцијата, а особено за презентација на нивната музика преку користење на современите алатки и социјалните медиуми.    

Се поставуваат низа прашања од тоа дали со примена на вештачката интелигенција секој од нас може да создава музика, како ќе се класифицира оваа музика, но и мошне важното прашање за авторските права и финансиското вреднување на таквите дела. Примената на вештачката интелегенција се смета дека би можела да значи нова револуција во музиката. Со помош на специјални компјутерски програми и алгоритми може да се создаваат нови песни креирани врз база на сета музика внесена при создавање на  вештачката интелигенција.   

Во мај година, Европската унија го одобри првиот Закон за вештачка интелигенција во светот. Повеќе тела од креативната индустрија и од музичкиот свет во ЕУ ја поздравија оваа легислатива (CISAC, EMMA, GESAC, ICMP, IFPI, Impala и IMPF). Европската музичката индустрија водеше голема кампања за да се осигура дека Законот за вештачка интелигенција ги вклучува посакуваните регулативи околу авторските права. 

Вештачката интелигенција може да помогне, но дали некој може да ја замени душата на композицијата

Користењето на вештачка интелигенција во креативниот процес, зависи од процесот кој самиот автор сака да го помине или забрза, вели џез музичарот и ко-сопственик на издавачката куќа „PMGJazz“, Владан Дробицки. Додава дека колку повеќе се употребува и внесуваме покомплицирани параметри, програмата сама се усовршува. 

– Мислам дека зависи од типот на музика и процесот кој авторот сака да го помине, односно забрза. Сигурно процесот е доверлив и со тек на време ќе напредува. Колку повеќе се употребува, односно внесуваме покомплицирани параметри, програмот сам се усовршува, вели Дробицки.

Според него, доколку зборуваме за комерцијалната музика, прашањето дали би можеле или би требало да правиме дистинкција до каде е авторот, а од каде почнува вештачката интелигенција е ирелевантно, додека пак, во „уметничката музика“, вели нештата малку се комплицираат. 

– Мислам дека уште некое време авторите ќе бидат безбедни. Вештачката интелигенција претпоставувам работи по некои параметри, а креативноста на авторите се мери по моќноста да избегаат од истите параметри, вели Дробицки.

Во врска со авторските права на делото при користењето на вештачката интелигенција, Дробицки прашува дали таа може да има сопственик и дали вештачката интелигенција ќе се развие во самостоен субјект без сопственост, но со своја свест. Доколку ја третираме како машина, Дробицки вели нема да бидат проблем авторските права.

– Дали може вештачката интелигенција да има сопственик и дали ќе се развие во самостоен субјект без сопственост, но со своја свест? Дали ќе биде машина? Ако ја третираме како машина, тогаш не се проблем авторските права. Тој што ја стартувал машината да направи некаков процес и внел параметри, е сопственик на делото. Всушност процесот на квази компонирање се менува. За да направиш песничка, не е потребна веќе диплома од музичко училиште, туку од училиште за програмери. Но да напоменам дека зборуваме за кич музика, вели Дробицки.

Познатата македонска пејачка, музичарка и професорка по соло пеење Андријана Јаневска во изјава за МИА вели дека вештачката интелигенција од многу одамна е застапена во музиката и оти уште пред дваесет години имало софтвери кои можеле да ги заменат придружните вокали. Нагласува дека таа е секогаш за се што е напредно и се што може да се искористи во моментов. Јаневска вели дека вештачката интелигенција може да има практична примена во одредување тоналитет на песна, темпо, хармонија, итн.Т оа што порано не можело, додава пејачката и професорка, сега со сигурност може да се примени во продукција и постпродукција, во миксање, во едитирање, во мастеринг...

- На пример јас сум пеела придружни вокали на многу македонски уметници и знам дека уште пред 20 години имаше софтвери кои можеа да ги заменат придружните вокали, буквално да ја испеат целата хармонија, нормално доколку ја имаат бојата на вашиот глас, така што тоа е една од работите кои со сигурност може денес да се применува. Понатаму исто така знам дека уште во минатото многу од големите светски ѕвезди користеа на своите јавни концертни настапи софтвер којшто во вистинско време додека пеат го корегира гласот, односно фреквенцијата, мелодиската линија за да не звучи фалш...и.т.н Меѓутоа во последно време сме сведоци дека и тоа како може да помогне па и да одмогне некогаш, истакнува Јаневска. 

За тоа дали може да се користи вештачка интелигенција при компонирање музика, посочува дека може и оти со сигурност знае дека постојат софтвери не само за компонирање туку да го анализираат и текстот и емоцијата во него. - Сепак останува да видиме што е со душата на композицијата која не знам дали ќе може некој робот или вештачка интелигенција да ја замени, рече Јаневска 

Пејачката и професорка неодамна докторираше на тема „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ на Институтот за фолклор и вели дека сите песни ги собирала рачно, но оти добро е што овие песни ќе бидат дигитализирани и ќе има електронско издание. 

– Ќе го има на интернет и нема да може едноставно некој да кажува дека тие песни се туѓи, вели Јаневска.

Независните музичари имаат шанса да не зависат од големите издавачки куќи

Продуцентот и сопственик на „Morion Records“, Бобан Лазовски, кој глобално настапува под уметничкото име „Egorythmia“, смета дека со примената на вештачката интелигенција независните артисти добиваат шанса со минимум средства да дојдат до издание, како и да не зависат од големите издавачки куќи.

– Независниот артист сега добива голема шанса, да не му требаат огромен број на средства за издание и да не зависи од големите издавачки куќи. Со помош на вештачката интелигенција независниот артист може да дојде до издание кое што нема да го чини огромна сума на пари. Во денешно време да покриеш едно издание со вештачка интелигенција се доволни 20, 30 или 50 евра. Не зборам во смисла вештачката интелигенција да ја направи музиката, туку делот од промоција како кавери, маркетиншка стратегија, текст и слични работи, употреба на синтови, некои што претходно не си можел да ги употребуваш. Мислам дека независниот артист, ќе добие една голема шанса и може да биде победа над големите издавачки куќи на светско ниво во сите жанрови на музиката, рече Лазовски.

Индивидуално, вели музичарот, секој одлучува колку и како ќе ја користи вештачката интелигенција. Според него, достапноста за користење на вештачка интелигенција во полето на електронската музичка индустрија може да доведе до еден вид хаос и затоа, вели ќе опстанат артистите кои што се најкреативни и најинтелигентно ќе ги користат нејзините придобивки.

– Имам информации, некои гласини од Србија, каде што имав прилика да слушнам што може да направи вештачката интелигенција како музика, конкретно електронска музика, и прилично сум изненаден од нивото до каде е стигната и тоа сега веројатно за скоро време ќе оди во продажба како апликација и ќе настане еден огромен хаос. Затоа мислам дека ќе опстанат артистите кои што се најкреативни и најинтелигентно ќе го користат сето тоа, вели Лазовски. 

За тоа колку може да се потпреме на вештачката интелигенција, младиот продуцент Љубен Дерибан, вели сѐ додека авторот активно размислува за крајниот производ, би требало да ги задржи авторските права на делото.

– Сѐ додека е добра песната е во ред, без разлика кој ја направил. Не сум размислувал многу на темата, но на пример, има песна од Дрејк, на која некој го направил битот, а со користење на вештачка интелигенција има глас од Дрејк и е предобра. Сѐ додека некој активно размислува за музиката, на темата и како сака да е крајниот производ мислам дека може да се каже дека е авторска и тој да ги задржи правата, вели Дерибан.

Елизабета Вељановска Најдеска

Андреја Ристески (Салпе)

Снимател и монтажа: Владимир Рабасовиќ

ФОТО: Фејсбук/Архива МИА

Сторијата е изработена во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Остани поврзан