• петок, 22 ноември 2024

Приватните превозници бараат состанок со ЈСП за покачување на цената за километар и се обврзуваат старите автобуси да ги заменат со нови еколошки

Приватните превозници бараат состанок со ЈСП за покачување на цената за километар и се обврзуваат старите автобуси да ги заменат со нови еколошки

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) — Приватните превозници Јофи Бус ДОО од јавниот градски превоз во Скопје предлагаат координаторите на советничките групи, Град Скопје или Владата да закажат проширен состанок со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за изнаоѓање излез од кризата со јавниот градски превоз, соопшти денеска на прес-конференција претставникот на приватните превозници Јофи Бус ДОО, Јовица Зафировски.

– Јавниот превоз во градот Скопје не е на нивото што треба да биде, затоа ние како приватни превозници решивме да предложиме до надлежните да се закаже состанок на повисоко ниво за да може да излеземе од оваа ситуација. Предлагаме до координаторите на советничките групи, Град Скопје, Владата на Р. Македонија, до сите стручни лица кои што се во јавниот превоз, ние приватните превозници, заедно со ЈСП да седнеме на еден проширен состанок за да најдеме излез од оваа криза. Јавно упатуваме апел што побрзо да се одржи тој состанок, за да можеме да излеземе од оваа ситуација, рече Зафировски.

Еден од проблемите со кој се соочуваат приватните превозници, Зафировски вели е цената за изминат километар, која во моментов изнесува 70 денари, а според цената на нафта, рече, треба да биде околу 120 денари. 

– Како што знаете имаме повеќе проблеми, еден од проблемите е цената за изминат километар. На последната седница на Совет, иницијативата беше повлечена со цел да се доработи, затоа за да нема недоразбирања, најдобро е да се одржи таков тип на состанок…имаме повеќе од 200 автобуси кои не се искористени, едноставно со оваа цена ние не можеме да издржиме… Цената за изминат километар во моментов е околу 70 денари. Ние имаме направено анализа кај професорот Кастановски и Иво Дуковски која вели цената во моментов треба да биде, според цената на нафта, околу 120 денари. Сакам да додадам дека цената во Белград е 138 денари плус ДДВ, во Софија е 144 денари плус ДДВ, мислам дека и во Тирана е околу 130 денари плус ДДВ, рече Зафировски. 

ЈСП, додаде, има доспеан долг кон Јофи Бус ДОО од околу 8 милиони денари за месеците јули, август и септември. Зафировски нагласи дека тие, како приватни превозници, се обврзуваат нивните стари нееколошки автобуси да ги заменат со еколошки климатизирани автобуси.

– Градот Скопје не ни должи, ни должи ЈСП. Не ни е платена фактура. Јас можам да кажам за мојот пакет дека долгот е околу 8 милиони денари и немаме фактури за месеците јули, август и септември. Исто така, како приватни превозници, морам да кажам дека се врзуваме нашите стари нееколошки автобуси да ги замениме со еколошки климатизирани автобуси, што е еден многу добар чекор. Доколку ни се покачи цената за километар ние веднаш пристапуваме кон тој процес, рече Зафировски. ра/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан