• понеделник, 23 декември 2024

Претставата „Тајната книга на дедо“ на театарот „Златен Елец“ ќе се одигра во Јавна соба

Претставата „Тајната книга на дедо“ на театарот „Златен Елец“ ќе се одигра во Јавна соба

Скопје, 12 ноември 2023 (МИА) - Претставата за деца „Тајната книга на дедо“ на независниот театар „Златен Елец“, повторно се враќа на репертоар, и ќе се одигра денеска во Јавна Соба, со почеток во 14:00 часот. Авторка на претставата е Надица Петрова.

Низ ликовите на сестрите, дедото, животните и џинот, приказната дава поука за вредностите во животот, како другарството, искреноста, измамата, предрасудите но и почитта кон постарите.

- Низ оваа претстава не водат Сара и Тара. Тоа се две сестри кои имаат заедничка мисија: Да ја пронајдат тајната книга на својот дедо и да откријат какви тајни се чуваат во неа. Со итар план, успеваат да го натераат дедо им да ги остави сами, за тие да го искористат времето да ја најдат таа тајна книга. Штом ќе ја пронајдат, се впуштаат во еден нов волшебен свет на зајакот, желката, лисецот и џинот. Дали ќе ја откријат најголемата и најважна тајна?, велат од „Златен Елец“.

Во претставата играат Надица Петрова, Ванеса Тримчевска, Кристина Гиева, Бобан Алексоски, Филип Миленкоски и Антониј Георгиев.

„Тајната книга на дедо“ досега се играше во Скопје, Струмица, Штип, Кавадарци, Демир Хисар и Гевгелија.

Неодамна „Златен Елец“ имаше премиера и на новата претстава за деца „Чудесниот напиток“, чиј автор е Надица Петрова.

Таа месецов, на 26 ноември, е повторно на репертоар во Јавна Соба. Од независниот театар најавуваат и гостување во Велес, Богданци, Ресен, Прилеп, Битола и во другите градови. ир/лв/

 

Фото: Театар „Златен Елец“

Остани поврзан