• петок, 22 ноември 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Федеративна Република Бразил

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Федеративна Република Бразил

Скопје, 7 март 2024

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Пауло Роберто Кампос Тарисе да Фонтура, новоименуваниот амбасадор на Федеративна Република Бразил во Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази убедување дека постои заедничка желба, како и голем потенцијал за развивање на меѓусебните односи и посочи дека отворањето на нашата амбасада во Бразилија јасно ја покажа искрената желба за унапредување на севкупната соработка со Федеративна Република Бразил. Претседателот рече дека Северна Македонија и Бразил ги споделуваат основните вредности, како почитување на владеењето на правото и човековите права, загриженост за климатските промени, посветеност кон демократијата, слободната трговија и пазарната економија и во тој контекст искажа задоволство од соработката во меѓународните организации. Претседателот Пендаровски упати честитки за бразилското претседавање со Г-20 и посака успех во реализирањето на  приоритетите што ќе се разгледуваат во тие рамки, како што се борбата против гладот, сиромаштијата и нееднаквоста, трите димензии на одржливиот развој, реформата на системот на ОН и на меѓународните финансиски институции, како и ревитализацијата на Светската трговска организација.

Амбасадорот Пауло Роберто Кампос Тарисе да Фонтура во своето обраќање рече дека Северна Македонија е земја со која Бразил споделува заеднички вредности, особено вербата во дипломатијата и мирното решавање на недоразбирањата и почитувањето на владеењето на правото и посочи дека нашата земја му докажа на светот дека дипломатијата е најдобрата алатка за решавање на споровите и дека дијалогот и меѓусебното разбирање можат да доведат до посакуваниот просперитет, мир и човечки развој. Бразилскиот амбасадор во говорот најави дека ќе биде посветен на стимулирање на туризмот и културните односи меѓу Бразил и Северна Македонија, а дополнително ќе се истражуваат областите за соработка, како што се земјоделството, инвестициите, нормите и регулативите. Тој искажа намера дека ќе ги продолжи напорите за промовирање на поголем дел од меѓусебното знаење и разбирање надвор од програмите за размена на додипломски и постдипломски студии кои ги нудат бразилските универзитети во сите научни области.

Претседателот Пендаровски на бразилскиот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната мисија и изрази очекување дека неговото досегашно дипломатско искуство значајно ќе придонесе за збогатување на пријателските односи.

 

 Претседател на Република Северна Македонија

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото:  Претседател на Република Северна Македонија

Остани поврзан