• понеделник, 23 јуни 2025

Претседателот и пратениците на грчката радикално десничарска партија Спартанци ослободени од обвиненијата за изборна измама

Претседателот и пратениците на грчката радикално десничарска партија Спартанци ослободени од обвиненијата за изборна измама

Атина, 14 мај 2025 (МИА) – Претседателот и пратениците на малата радикално десничарска грчка партија Спартанци, поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис и еден адвокат, односно вкупно 13 лица денеска беа ослободени од обвиненијата за можна изборна измама на парламентарните избори во Грција во 2023 година, јави дописничката на МИА од Атина.

За партијата, која пред две години за првпат влезе во грчкиот Парламент, Обвинителството спроведе истрага од која произлегло дека вистинскиот лидер на партијата всушност е осудениот поранешен член на Златна Зора Илиас Касидиарис и тој е оној кој го имал главниот збор во партијата, како и во изборот на кандидати за пратеници на изборите во јуни 2023 година, а со тоа биле измамени гласачите.

Меѓутоа, денеска, судот во Атина ги отфрли сите обвиненија и ги ослободи сите 13 лица, а според грчките медиуми, претседателот на судот Христос Папакостас, усвојувајќи го предлогот на обвинителот, рекол дека немало докази за измама и „не може да се каже дека гласачите не знаеле што прават“, а според тоа сите обвинети биле прогласени за невини.

- Љубовта за татковината, за нашата Грција не е криминал, напишаа од партијата на социјалните мрежи.

На изборите во 2023 година Спартанци освоија 4,68 отсто од гласовите и 12 пратенички места, меѓутоа остана со петмина пратеници, бидејќи останатите седум ја напуштија пратеничката група и станаа независни.

Лани, во пресрет Врховниот суд на Грција ја отфрли кандидатурата на радикално десничарска партија за учество на евроизборите, додека во јануари годинава грчкиот Парламент со широко мнозинство гласаше за запирање на финансирањето на Спартанци. ср/

Остани поврзан