• среда, 06 ноември 2024

Пресудата за „Ласкарци“ ќе биде објавена на 25 јануари 

Пресудата за „Ласкарци“ ќе биде објавена на 25 јануари 

Скопје, 26 декември 2023 (МИА) – Пресудата за случајот „Ласкарци“ ќе биде објавена на 25 јануари, откако денеска во Основен кривичен суд Скопје, се изведоа последните завршни зборови од постапката која започна во 2019 година. 

Во случајот кој се однесува на автобуската несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година во која животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени се обвинети Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Како и тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, кои се товарат за соучество во истото дело. 

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години. 

Во доказната постапка беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење. 

Одбраната на обвинетите, секоја засебно, во завршните зборови потенцираше дека во доказната постапка не се докажал товарот што им се става на товар на секој од обвинетите посебно и побараа ослободителна пресуда.  

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, од друга страна, во своите завршни зборови побара најстрога казна, бидејќи, според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“. 

Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа. 

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска. Пресудата на 25 јануари е закажано за во 12 часот. ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан