• четврток, 21 ноември 2024

Пренџов: Бараме итна јавна расправа за актуелните економски случувања во земјава

Пренџов: Бараме итна јавна расправа за актуелните економски случувања во земјава
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија бара во најбрз можен рок во Собранието да се закаже јавна расправа за актуелните економски случувања и за тоа како да се премости кризата со цената на енергенсите кои влијаат на ликвидноста на компании, а со тоа и на цените на производите кои ги продаваат. -На оваа јавната расправа, мора да бидат поканети сите стопански комори во Македонија, синдикати, организации на работодавачи, академска заедница и други заинтересирани страни. Резултатот од оваа јавна расправа мора да е еден оперативен план со конкретни мерки кои треба да ги превземе власта за полесно пребродување на 2022 година, рече пратеникот Љупчо Пренџов. Според него, итната јавна расправа е неопходна, затоа што, како што истакна земјава се вбројува во земјите кои најлошо се справуваат со економските предизвици и во регионот и во Европа. Просечниот годишен раст на БДП за периодот 2017-2020 година во државава, нагласи тој, не е ниту 0,5 проценти годишно. -Она што особено е загрижувачки е падот во индустриското производство во изминатиов период. Во септември падот е 8 отсто, во октомври 6,5, а во декември речиси 5 отсто. Во прилог не ни одат ниту трендовите во автомобилската индустрија на светско ниво кои ги погодуваат и капацитетите што ги имаме во Технолошко индустриските развојни зони. Нивното учество во домашната индустрија е 12 отсто, а како сектор имаат пад од 9 проценти за 2021 година, рече тој. Пренџов нагласи дека македонските граѓани се задолжени како никогаш до сега и оти јавниот долг го надминал прагот од 60 отсто. -Буџетскиот дефицит за месец и половина е 10 милијарди денари или 160 милиони евра. Повторувам, само од нова година, за 40тина денови сме задолжени со нови 160м евра. Од почетокот на 2020 година до денес дупката во буџетот изнесува повеќе од 1,6 милијарди евра. Настрана од овие економски показатели за целата економија и за јавните финансии, граѓаните се соочуваат со огромни поскапува во изминатиов период. Пред неколку дена излезе податокот дека инфлацијата само за изминатиов јануари е  6,7 отсто, во услови кога дел од производите се со замрзнати цени, истакна пратеникот Пренџов. Тој вели дека со оглед на тоа што Буџетот не го полнат Владата, политичарите или пратениците, туку даночните обврзници, граѓаните со плаќање на ДДВ, но пред се бизнис секторот, државата мора да биде партнер со овој сектор. -Од вкупно 800 илјади вработени, 600 илјади наши сограѓани се вработени во приватниот сектор. Државата мора да биде партнер со бизнис секторот, нешто што во моментов не е случај. Според последниот извештај на Херитиџ, Македонија е падната за седум места на ранг листата на економски слободи. Во оваа насока мора да се спомене дека државата го остави бизнис секторот сам да се справува со енергетската криза. Цената на струјата е помеѓу 4 и 6 пати повисока за стопанството, а оние што се поврзани на гас истотака не се поштедени и се соочуваат со високи трошоци. Тука би ги споменал и превозниците кои се соочуваат со драстично повисоки цени на нафтените деривати. За само една година цената на литар гориво е зголемена за повеќе од 30 проценти, а Владата размислува само за нови, повисоки давачки и акцизи, рече Пренџов. Според него, истовремено има најава и за дополнителни покачувања на цените на енергенсите на светските берзи поради актуелните случувања, поради што, дополнително се зголемува потребата Владата мора да му помогне на бизнис секторот за заеднички, партнерски, да ја пребродат економската криза затоа што без стабилно стопанство не може да има просперитетна држава. сст/дма/      

Остани поврзан