• четврток, 26 декември 2024

Премиера на претставата „Ние, луѓето“

Премиера на претставата „Ние, луѓето“

Скопје, 10 ноември 2024 (МИА) - Театарската претстава „Ние, луѓето“ на Театар „Пи“, во режија на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска вечер премиерно ќе биде изведена во Центарот за култура во Ѓорче Петров. 

Асистент на режија и едукатор е режисерката од Бугарија, Гергана Тодева. Во претставата како актери се вклучени лица со попреченост и лица со атипичен развој.

- „Ние, луѓето“ е мултимедијален концепт со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водат едукатори-професионалци во својата област, учесниците со типичен и атипичен развој поминаа низ целосен процес на создавање на комплетно театарско дело, информира Театар „Пи“.

Претставата е дел од кампањата за вклучување на лица со посебни потреби, како и лица со атипичен развој во културата почната во јануари 2023 година, а завршува со театарска премиера. Проектот е финансиран со средства од Бугарска развојна помош. 

Театар „Пи“ е создаден пред 15 години и единствениот на Балканот кој континуирано работи со лица со интелектуална попреченост и лица со атипичен развој. Тој е основан и предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска. мд/дма/

Фото: Плакат 

Остани поврзан