• недела, 17 ноември 2024

Премиера на „Паника“ во Велешкиот театар

Премиера на „Паника“ во Велешкиот театар

Велес, 19 април 2024 (МИА) - Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ вечерва во 21 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Паника“ на финскиот автор Мика Мулуахо, во режија на Александар Ивановски. Во претставата, која е дуо драма настапуваат  Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики. Драматург на претставата е  Катерина Момева а сценографија на Филип Коруновски а музиката е во избор на двајцата актери.

Како што појаснуваат од велешкиот театар, приказната е за двајца другари што се немаат видено долго време и после многу поминати години и патешествија во животот, тие се соочуваат еден со друг, си помагаат еден на друг, се провоцираат еден со друг, преку што избиваат нивните внатрешни конфликти.

-Во претставата се навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, прашања што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот и социјален притисок наметнува стеги каде индивидуалниот идентитет се гуши, се преиспитува себеси, а преку оваа претстава сугерираме дека човек треба прво да се прифати таков каков што е, за да може да се промени. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога не ќе можете да се воздржите од смеење, поради суптилниот хумор што се провлекува низ целото дело и преку кој се релативизираат проблемите, се разобличуваат карактерите со нивните човечки мани, оправдувајќи ја нивната несовршена природа, појаснуваат од театарот. ад/сст/

Остани поврзан