• вторник, 05 ноември 2024

Премиера на македонскиот документарен филм „Патот на престапникот“

Премиера на македонскиот документарен филм „Патот на престапникот“

Скопје, 2 април 2024 (МИА) -  Во Кинотека вечер ќе биде премиерно прикажан македонскиот документарен филм „Патот на престапникот“ што изминатите две години се снимаше во КПД „Идризово“, КПУ затвор „Скопје“ и Малолетничкиот затвор „Охрид“.

Филмот базира на лични приказни на осудените лица и на професионални согледувања на вработените во затворите.

Како што изјавуваат авторите Александар Ковилоски и Ѓорге Тодоров, како и самите вработени во секторот за ресоцијализација во КПД „Идризово“ и КПУ затвор „Скопје“, се работи за филм во кој преку влез во најдлабоките ќошиња од македонските затвори, се анализираат процесите кои водат до девијантно поведение на индивидуата. Во него, преку интервјуа со затворски работници и осудени лица се прави обид да се одговори на вечното прашање: дали човековото криминално однесување може да се поправи и дали ресоцијализацијата во затворите може да го постигне тоа?

-Она што го разликува филмот од останатите е тоа што ова е вистински затворски филм кој допира до сржта на проблемите во македонските затвори. Работен е од двајца професионалци со триесетгодишно работно искуство во нив, а пласираните теми и заклучоците од филмот се одлично четиво за секој функционер кој сака да промени нешто во пенитенцијарниот систем. 

Времетраење на филмот е 31 минута, а влезот е бесплатен. мч/аа/

фото: Александар Ковилоски

Остани поврзан