• понеделник, 23 декември 2024

Преку итни постапки до почесто пријавување на случаите на семејно насилство

Преку итни постапки до почесто пријавување на случаите на семејно насилство
Скопје, 16 август 2021 (МИА) - Брзото и итно водење на постапките за делата на семејно насилство делуваат охрабрувачки за жртвите и тие полесно одлучуваат да го пријавуваат малтретирањето во домот. Нивната недоволна информираност или несигурност често се причина со години да трпат физичко, психолошко, сексуално и други видови насилство. Токму затоа, се наведува во денешното соопштение од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, практичарите од областа апелираат за нивно поголемо информирање, но и за итно и неодложно спроведување на кривичните постапки за овој тип случаи. - Кривичните постапки, вклучувајќи ја тука и истрагата и постапката пред судовите, се во интерес на заштита на жртвата и треба да се водат брзо, ефикасно и без непотребни одолговлекувања. Тоа дава обврска на секој од органите коишто се надлежни за водење на сите фази во рамки на кривичната постапка, вклучувајќи ги тука полицијата, јавното обвинителство и судовите, да интервенираат веднаш, да интервенираат соодветно, да интервенираат брзо. Соодветно и брзо да прибираат докази во насока на носење правилна, праведна и законита одлука, а во текот на целата постапка да водат грижа првенствено за заштита на жртвата на семејно насилство, вели Габриела Гајдова, судија во Кривичниот суд Велес, стои во соопштението. Улогата на полицијата во целата постапка е исклучително важна, се наведува, со оглед на трауматичната состојба во која често се наоѓаат жените кои претрпеле семејно насилство. - Покрај итноста во постапувањето во случаите за пријавени кривични дела од областа на семејното насилство, полициските службеници се должни со внимание да постапуваат со жртвите, да ги почитуваат нивните права, нивните потреби и нивните интереси. Да не дозволат какво било двоумење кај жртвата да почувствува дека е виновна за насилството туку едноставно да ја придобијат, да работат и да разговараат со неа со должно внимание, при тоа почитувајќи ги сите нејзини права и интереси, посочила Цена Чаловска, советник во МВР во пензија. Од 2004 година Кривичниот законик го дефинира семејното насилство како кривично дело што претставуваше голем позитивен исчекор во насока на заштита на жртвите. Со цел превенирање на оваа појава, за актите на семејно насилство е предвидена построга казнена политика за сторителите. - Законодавецот го издвојува семејното насилство како посебен вид криминал имајќи предвид дека тоа се случува во домот, во место каде што треба да бидеме најбезбедни и најсигурни.Од овие причини се предвидени построги односно затворски казни за актите на семејно насилство. Сепак, искуствата на жртвите покажуваат дека е неопходно подобрување на граѓанско-правниот и кривично-правниот систем за нивна заштита, смета Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ. Здружението ЕСЕ нуди бесплатна правна помош и психолошка поддршка за жените кои претрпеле семејно насилство, со цел надминување на проблемот со насилството и разрешување на поврзаните правни проблеми. Во 2020 година, Центарот за правна помош на здружението даде правна поддршка во вкупно 242 случаи поврзани со семејно насилство за предмети како развод на брак, издршка, старателство, имотни односи, социјална заштита и кривични постапки. Истовремено, се подвлекува во соопштението, ЕСЕ работи на јакнење на капацитетите на практичарите од надлежните институции кои имаат законската обврска за обезбедување на заштита и поддршка за жените кои претрпеле семејно насилство. За таа цел, посочуваат, подготвено е видео за институциите кои се вклучени во кривичната постапка за заштита од семејно насилство: полиција, ОЈО и судови. цр/лв/

Остани поврзан