Презентиран документот „Проценка на закани од организиран и сериозен криминал - СОКТА 2021“
- Во Скопје денеска беше презентиран документот „Проценка на закани од организиран и сериозен криминал - СОКТА 2021“.
![Презентиран документот „Проценка на закани од организиран и сериозен криминал - СОКТА 2021“](https://new.mia.mk/images/20221113170406_big_730x400_23.webp )
Скопје, 30 јуни 2022 (МИА) - Во Скопје денеска беше презентиран документот „Проценка на закани од организиран и сериозен криминал - СОКТА 2021“.
На презентацијата учествуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Н.Е. амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Во своето обраќање министерот Спасовски ја истакнал важноста на овој документ како за Министерството за внатрешни работи така и за државата, од причина што, според него, тој во себе содржи широка разузнавачка слика и систематски ги идентификува заканите од организираниот и сериозен криминал во државава.
https://www.youtube.com/watch?v=ju8b2Q2Sfbs
- Би сакал да потенцирам дека токму методологијата и процесот за изработка на СОКТА 2021 во целост се усогласени со циклусот на политики на ЕВРОПОЛ кои се меродавни за проценување на заканите од организиран и сериозен криминал во рамки на Европската Унија, со што успешно е продолжен циклусот кој за првпат е воспоставен во 2016 година, кога беше изработена првата проценка од овој вид. Мултисекторскиот пристап и градењето на меѓуинституционалната соработка, како и соработката со меѓународните фактори имаат клучно влијае врз севкупниот одговор на организираниот и сериозниот криминал, потенцираше Спасовски.
Тој посочи дека покрај детектирање на заканите, во проценката се содржани и препораки за надминување на слабостите и предизвиците поврзани со сузбивањето на организираниот и сериозниот криминал, поради што таа има за цел да обезбеди систематска поддршка во процесот на донесување на стратешките одлуки и утврдување на приоритетите, заради постигнување на поголема ефикасност, насочување и рационално користење на ресурсите кои се на располагање во овој домен.
Од страна на Н.Е. амбасадорот Клеменс Која било посочено дека сериозниот и организиран криминал е сè подинамичен и покомплексен феномен кој бара силен разузнавачки одговор од страна на органите за спроведување на законот во земјата и дека организираниот криминал е пречка за одржливиот развој на секоја земја. Амбасадорот Која изразил благодарност до Владата на Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи за активната поддршка во текот на процесот на изработка на извештајот за проценка на закани од сериозен и организиран криминал.фф/са/
https://www.youtube.com/watch?v=730Vj8pCk78
![Спасовски - Која](/articles/images/%d0%bf%d1%80%d0%b5%d0%b7%d0%b5%d0%bd%d1%82%d0%b8%d1%80%d0%b0%d0%bd-%d0/5rrIPPAWf/placeholder.webp?use_watermark=0)