• четврток, 19 декември 2024

Пред Курбан Бајрам грло овен во Дебар до 200 евра

Пред Курбан Бајрам грло овен во Дебар до 200 евра
Дебар, 19 јули 2021 (МИА) - Во рамките на подготовките за одбележување на големиот муслимански празник Курбан Бајрам, по традиција, дел од верниците, кои тоа може да си го дозволат принесуваат курбан. Поради тоа деновиве најбаран на пазарот е добитокот, односно овните, а поретко и телињата. Бидејќи во Дебар нема сточен пазар, тие, повеќе години наназад, се продаваат на неформален пазар во близина на Саат кула џамијата. - Поради муслиманската традиција за Курбан Бајрам, чие одблежување почнува утре, деновиве почнавме со продажба на овни и до сега сме продале над 3.000 грла. Во зависност од тежината и возраста едно грло го продаваме од 70 до 200 евра. Освен дебрани, купувачи се и жителите од долнореканските села, Општина Маврово и Ростуше, како и помал број од Општина Центар Жупа, бидејќи и таму има пазар, изјави за МИА, Скендер Аме, претседател на здруженито на сточари „Даши“ во кое членуваат сточари од општините Дебар и Центар Жупа. Тој посочува дека за овој празник ќе бидат продадени над 4.000 а може и повеќе грла, вклучувајќи ги и оние кои ги купува муфтиството од средствата што верниците кои одлучиле да дадат курбан ги доставуваат во муфтиството, кое потоа купува и го разделува курбанот. Курбанот, според верниците, се коли на првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства. Традицијата на вековен верски соживот и толеранција, како што потврдуваат самите верници, се почитува и при распределбата на месото од курбанот. Тоа значи дека муслиманските верници курбан им даваат и на семејства од православната вероисповест. Минатата година, од кога почна да распрделува, муфтиството даде курбан и на Дебарската парохија за семејства кои се во послаба економска состојба. Празникот Курбан Бајрам се одбележува четири дена. Се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина, во Саудиска Арабија, се реализира петтиот столб на исламот а тоа е аџилакот. вт/фф/

Остани поврзан