• понеделник, 23 декември 2024

Првото австриско „Ензи“ поставено во паркот на КИЦ во Скопје

Првото австриско „Ензи“ поставено во паркот на КИЦ во Скопје

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - Австрискиот амбасадор Мартин Памер, заедно со директорот на Културно информативниот центар Антонио Димитров и заменик - градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски денеска во паркот пред просториите на КИЦ го презентираа првото парче мебел „Ензи“ поставено во Скопје.

Настанот е дел од триесетгодишнината на Виенската светска конференција за човекови права во чии рамки беа поставени 20 парчиња мебел за јавна површина – „Ензи“ низ цела Виена.

Австрискиот амбасадор истакна дека мебелот „Ензи“ го краси дворот на музејот Квартиер во Виена уште од 2002 година. Дизајниран е од архитектите Ана Попелка и Георг Подушка, а крстен е по името на Даниела Ензи, која работела како прокурист на Квартиер се до 2012 година.

 - Австрија постојано се залага за правата на жените и девојчињата се со цел да им се овозможи живот без насилство, и на тој начин активно ја поддржува кампањата на Обединетите нации која трае од 20 ноември до 10 декември, рече Памер.

Тој нагласи дека Австриската амбасада и оваа година е дел од светската иницијатива против родовото базирано насилство, чиј фокус е ставен на мерките за превенција на насилство. 

Според директорот на Културно информативниот центар, уметничкото парче „Ензи“ претставува почеток на соработка меѓу Амбасадата на Австрија и КИЦ.

 - Секој оној кој бил во Виена сигурно имал прилика да седи на ова парче мебел, секој оној кој бил на плоштадот на музејот Квартиер имал прилика да гледа во околната архитектура, да пишува поезија или едноставно да седне да се одмори. Токму таква прилика ќе имаат и нашите сограѓани кои ќе дојдат во Кул паркот, да одморат на клупата „Енци“, да пишуваат поезија, да читаат поезија или да присуствуваат на нашите настани, рече Димитров.

Заменик – градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски изрази задоволство што едно вакво уметничко дело, покрај Виена, ќе биде поставено и во Скопје.

 - Градот Виена и Република Австрија низ овие години имаат многу пати докажано дека се добри партнери на нашата држава и секогаш не поддржуваат во нашите процеси и иновации, истакна Трајановски.

На настанот, автрискиот амбасадор го најава концертот на квартетот од Австрија, Јелена Попржан, организиран од Амбасадата на Австрија, што ќе се одржи вечерва во Салон 19,19 на  Културно информативниот центар. сан/бак/

 

Фото: МИА

Остани поврзан