• вторник, 17 декември 2024

Првиот човек на УНХЦР повика на спречување на понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах

Првиот човек на УНХЦР повика на спречување на понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах

Женева, 24 септември 2024 (МИА) – Високиот комесар на ОН за човекови права Вокер Турк денеска ги повика сите оние кои имаат влијание на Блискиот Исток да се обидат да спречат понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, изразувајќи загриженост за опасната ескалација на тензиите.

- Високиот комесар на ОН Вокер Турк ги повикува сите држави и актери со влијание во регионот и пошироко да спречат понатамошна ескалација и да направат се што можат за да обезбедат целосно почитување на меѓународното право, рече портпаролката на Турк на брифинг со новинарите во Женева.

Таа нагласи дека методите и средствата за војување на Израел се многу сериозни и предизвикуваат загриженост поради можните прекршувања на меѓународното хуманитарно право.

На прашањето да ги коментира извештаите дека Израел ги предупредил луѓето со телефонски пораки пред воздушните напади, портпаролката на Турк рече дека и покрај тоа, влијанието на нападите врз цивилите е огромно.

- Ако сте испратиле предупредување до цивилите да бегаат, мислите дека е во ред да извршите напади врз тие области, знаејќи добро дека влијанието на тие напади сепак ќе биде огромно за цивилите, рече портпаролката.

Официјалниот претставник на Светската здравствена организација во Либан, Абдинасир Абубакар, на брифинг рече дека некои болници во Либан се преоптоварени од стотиците повредени кои пристигнуваат, а претставник на УНИЦЕФ изјави дека досега најмалку 35 деца се убиени во израелските воздушни напади.

Дојче веле пренесува дека во Либан владее паника и несигурност и оти илјадници луѓе бегаат од израелските напади од јужните и источните делови на земјата.

Цивилната инфраструктура е максимално оптоварена, а видеата споделени на социјалните мрежи покажуваат хаос кој владее на либанските патишта.

Луѓето од јужните делови на Либан бегаат во главниот град Бејрут, а од исток кон планинските области.

Околу 500 луѓе загинаа, а околу 1.650 се ранети во вчерашните израелски воздушни напади насочени кон цели на Хезболах во јужен Либан, соопштија либанските власти.

Хезболах вчера лансираше повеќе од 200 ракети врз Израел, поради што беа активирани сирени низ северен Израел. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан