• петок, 22 ноември 2024

Прва самостојна изложба на штипјанецот Дарко Трајков - лице со Даунов синдром

Прва самостојна изложба на штипјанецот Дарко Трајков - лице со Даунов синдром

Штип, 21 март 2024 (МИА) - Штипјанецот, Дарко Трајков – лице со Даунов сидром денеска ги презентираше своите уметнички дела. Неговите слики изработени во различни техники се изложени во штипската Библиотека „Гоце Делчев. Дарко на сликите работел цела година. Неговата мајка, Катица Трајкова вели дека треба многу трпение за овие лица да работат она што го сакаат. Сликањето е втора љубов на Дарко, оти како што вели Трајкова, најмногу од се сака да пее.

-Работата го одржува човек, а особено ако го работи тоа што го сака. Со децата со Даунов сидром треба повеќе трпение за да откриеме што ги прави среќни. Јас открив дека Дарко сака да слика и секој почеток не е лесен, кај нив е уште потешок, требаше многу поттикнување, многу мотивирање за да го работи тоа што сега го има изработено, вели Трајкова.

Дарко смета дека не е важно што ќе црта, според него важно е да создаде слика која понатаму ќе биде изложена и допстапна за сите.

- Имам цртано слики, повеќе од една година и ова што го гледате е моја изработка. Многу сум горд на ова што го работам, вели Трајков.

Неговата мајка посочува дека за децата со Даунов синдром  потребно е  државата да даде поголем придонес.

-Децата со Даунов сидром се многу затворени, немаат друштво, немаат другари, не ги канат на роденден, на кино, на кафе и слично. Мора јас како родител да смислам што да направам за моето дете да го исполни денот, вели Трајкова.

Дарко има 36 години, а  15години работи како  графичар во печатница. Добро е прифатен од средината и  пријателите. Но, не секое лице со Даунов синдром работи и финансиски е независно од своето семејство, објаснува мајката на Дарко. Голема нелогичност има во  посебниот додаток што го добиваат од државата, а го губат веднаш штом ќе наполнаат 26години.  

 -Децата не престануваат да бидат лица со потешкотии  по 26години. Тие се така цел живот. Тоа е состојба, а не болест која се лекува и затиоа мора да се исправи оваа нелогичност, вели Трајкова.  

Изложбата беше збогатена и со приредба, со што денеска во Штип се одбележа 21 март – Светскиот ден на лицата со Даунов сидром. вдј/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан