• понеделник, 25 ноември 2024

Првата катна гаража во Штип тема на прес-конференции на штипскиот директор на Центар за култура „Ацо Шопов“ и градоначалникот на општината

Првата катна гаража во Штип тема на прес-конференции на штипскиот директор на Центар за култура „Ацо Шопов“ и градоначалникот на општината

Штип, 20 март 2024 (МИА) - Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Горан Трајков денеска до СВР-Штип ја достави документацијата за изградба на катната гаража, која се наоѓа зад зградата на Центарот за култура, а со којашто бара ресорниот министер да преземе мерки за расчистување на овој случај, во којшто според него има злоупотреба на службената положба од страна на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и вработени во општината, а  на тој начин што издале одобрение за градење на катна гаража спротивно на Законот за градење.

Трајков на денешната прес-конференција истакна дека документацијата за овој случај, која ја добил во текот на вчерашниот ден е од укажувачи, вработени во Општина Штип.

-Имено, градоначалникот заедно со неговите вработени на ден 07.04.2023 година издале Одобрение за поставување на урбана опрема кое било спротивно на член 57 од Законот за градење,а истите било потребно да издадат Одобрение за градење согласно член 59 од Законот за градење. Врз основа на ваква добиена фактичка состојба градоначалникот заедно со неговите вработени постапиле спротивно од член 61 од Законот за градење со што го прекршиле членот 59 од истиот закон,каде што во член 61 децидно стои дека – Доколку надлежниот орган издаде одобрение за градење спротивно на овој закон,односно не го одбие барањето за одобрение за градење согласно членот 59, одговорното, односно службеното лице во конкретниот случај градоначалникот на Општина Штип подлежат на кривична одговорност согласно Кривичниот законик, вели Трајков.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска пред новинарите истакна дека легитмно на секој граѓанин, вклучувајќи го и директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ е да излегува во јавност и да поднесува било какви пријави.

-Она коешто јас можам да го ветам и да одговорам е дека како и досега, така и во наредниот период секојдневно да реализирам проекти, коишто се барање на граѓаните и потреба на граѓаните. Катната гаража, којашто е веќе финализирана за некој ден ќе биде пуштена во употреба е само една од трите катни гаражи, коишто ќе се изградат во централното градско подрачје. Граѓаните ќе ја користат, тоа е мојот одговор по однос на коментарот или најавата на директорот на оваа институција, вели Јорданов.

Прашан за извештајот на инспекторот од Државниот градежен инспекторат и дали во него пишува дека катната гаража е дива градба, Јорданов со одговор дека овој објект е изграден согласно Закон.

-Надлежните институции можат да проверат и да утврдат доколку има нешто незаконско, вели Јорданов. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан