• среда, 27 ноември 2024

„По стапките на дедо“ - изложба на рачно изработен накит од Сара Матовска

„По стапките на дедо“ - изложба на рачно изработен накит од Сара Матовска

Струга, 13 мај 2024 (МИА) - „По стапките на дедо“ е насловот на изложбата со рачни изработки од Сара Матовска, што на 26 мај ќе се одржи на Женска плажа во Струга.

Посетителите ќе имаат можност да го погледнат накитот од волна и филигран, изработен од вредните раце на Сара, која занаетот го научила од нејзиниот дедо, познатиот стружанец Ѓорги Матоски.

- Дедо ми беше смирен, работлив, сеемен човек, угледен граѓанин на Струга, секогаш во својот дуќан каде создаваше уникатни парчиња накит по примерот на неговиот дедо и на татко му Ристо. Доживеа длабока старост, но неговата смрт сепак ме остави недоискажана колку сум му благодарна за сѐ што научив и наследив од него. Изложбата што ја подготвив е мој начин да ја изразам таа благодарност и почит, изјави Матоска.

Целта на изложбата, според авторката, е да ги врати стружани во минатото кога застанувале во дуќанот на дедо и за да купат нешто, но и да си поразговараат.

-Ќе бидат изложени мои изработки, но и парчиња од филигран, кои дедо ми не успеа да ги доврши, а тоа го сторив јас. Оваа година дедо ми би полнел 101 година. Со овој настан ги одбележуваме неговите 101 и се надевам дека ќе успеам споменот на неговиот лик и дело да го одржам жив барем уште толку, вели Матовска.

Таа најави дека на денот на изложбата посетителите ќе бидат запознаени со процесот на создавање на накитот, по што ќе можат и да изберат соодветен додаток за себе. сс/мд/

Фото: Архива на Сара Матовска

Остани поврзан