Почнува примената на новиот Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва на Берзата
- Во рамки на зеднички проект на Македонската берза и Комисијата за хартии од вредност, донесен е Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва, кој почнува да се применува од денес
Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) - Во рамки на зеднички проект на Македонската берза и Комисијата за хартии од вредност, донесен е Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва, кој почнува да се применува од денеска. Целта на новиот Кодекс за корпоративно управување е преку примена на добрите практики на корпоративно управување да се подобри управувањето и контролата во котираните друштва, да се зголеми транспаретноста во нивното работење, да се подобри начинот на кои друштвата остваруваат комуникација со акционерите и инвеститорите и да се воспостават системи за поддршка за успешен развој на домашните компании.
- Со ова Берзата прави уште еден значен чекор напред во имплементирањето на европските стандарди во оваа област на македонскиот пазар на хартии од вредност. Кодексот се однесува на друштвата чии акции котираат на Официјалниот пазар на Берзата, што ги исполнуваат условите пропишани во Правилата за котација. Овие друштва треба на годишно ниво да известуваат за тоа дали ги применуваат најдобрите практики пропишани во Кодексот, се вели во соопштението од Македоснска берза.
Како и кодексите во други европски земји, така и новиот Кодекс, велат од Македонска берза, ќе се применува според принципот „примени или појасни зошто не си применил“. Ваквиот пристап, додаваат, подразбира дека примената на одредбите од Кодексот не е задолжителна за котираните друштва.
- Друштвата можат да не применат некоја одредба од Кодексот во случаи каде што постојат оправдани причини за тоа, на пример, доколку таквата одредба не одговара на големината или потребите на друштвото. Сепак, во таквите случаи, друштвата се должни да дадат објаснување зошто конкретната одредба не можела да биде применета, се додава во соопштението.
Кодексот првпат воведува одредби и практики поврзани со прашања за заштитата на животната страдина и прашања од општествен интерес.
Во врка со донесениот Кодекс, главниот извршен директор на Берзата, Иван Штериев изјави дека со реализацијата на овој проект не само што се заменува досега важечкиот кодекс, донесен пред повеќе години, туку се редефинира и се зголемува опфатот на котирани друштва на коишто истиот се однесува и се пресликуваат најдобрите современи меѓународни практики во оваа област.
- Кодексот, иако формално е документ кој го носи Берзата, е стратешко сидро на целиот пазар. Оттука, неговото донесување беше заеднички иницирано и реализирано од страна на Македонската берза и Комисијата за хартии од вредност, со голема поддршка од страна на Европската банка за обнова и развој и консултантите кои преку неа беа ангажирани. Кодексот ќе претставува конкретен патоказ за градење на добра корпоративна репутација и одржлив развој на долг рок за македонските котирани друштва и ќе предизвика низа позитивни импликации како за македонскиот пазар на хартии од вредност, така и пошироко, истакнува Штериев.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити пак вели дека ефикасни, издржливи и правични пазари на капитал се градат врз основа на низа столбови.
- Еден многу важен столб е токму доброто корпоративно управување. Новиот кодекс за корпоративно управување обезбедува цврста рамка на добри правила и стандарди кои ги поставуваат очекувањата и границите на котираните компании што ќе резултира со доволно обелоденување за да им се овозможи на инвеститорите да носат информирани одлуки. Како регулатор, ние сме уверени дека новиот кодекс за корпоративно управување ја има вистинската рамнотежа помеѓу поттикнувањето на растот и обезбедувањето соодветно ниво на заштита на инвеститорите, додава таа.
Директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, Енди Аранитаси потенцираше дека ЕБОР со задоволство ја поддржала иницијативата на Македонската берза и Комисијата за хартии од вредност за донесување на нов Кодекс за корпоративно управување, кој, како што вели, воведува модерни стандарди за понатамошно промовирање на развојот на пазарот на хартии од вредност во Република Северна Македонија.
- Во оваа прилика, Европската банка за обнова и развој им се заблагодарува на Берзата и Комисијата за нивната проактивна улога и соработка и за заблагодарува на Големото Војводство Луксембург за нивната великодушна поддршка на овој проект. Европската банка за обнова и развој ќе продолжи со поддршка на овие институции во воспоставување на рамка за известување и мониторинг во врска со новиот Кодекс, како и со поттикнување на друштвата да го градат своето корпоративно управување преку примена на одредбите од Кодексот, додаде Аранитаси. сст/сп/