• среда, 27 ноември 2024

Почна третата сесија на проектот Филмска училница

Почна третата сесија на проектот Филмска училница
Скопје, 25 октомври 2020 (МИА) - Третата сесија на Филмската училница почна вчера со презентацијата на видеоесеите на неколку посетители и нивните опсервации на избраните теми. Филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева заедно со посетителите ги продискутираа и темите за идејата, синопсисот и филмското сценарио во контекст на вистината и лагата во филмот. Се разговараше за начините како од една видена или слушната вест или настан може да се развие документарен и(ли) игран филм. Филмскиот критичар Стојан Синадинов ги упати во почетоците на македонската кинематографија и нејзиниот развој до крајот на минатиот век. Филмскиот техничар Тихомир Кашмицовски на посетителите им ги откри тајните на технологијата на помалку заборавената проекција на 35 мм лента, и тоа преку примерокот на првиот македонски игран филм снимен во синемаскоп техника, Мис Стон, снимен пред 62 години. Посетителите имаа можност да ги видат и филмолошките материјали од овој филм, како македонската и англиската верзија на сценариото, а потоа следеше и проекција на МИС СТОН на 35 мм лента, која беше проследена со голем интерес. Десеттина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна филмска школа, се запознаваат со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, костимографија на филм.

Филмска училница е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат в сабота, а проектот ќе трае 10 недели.

Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија. Мотото на проектот е „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Во реализација на преоктот учествуваат и филмолозите: Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Игор Старделов, Петар Волнаровски. ац/

Остани поврзан