• сабота, 23 ноември 2024

Почна првата фаза за превентивна заштита на покривот на манастирот во Матејче

Почна првата фаза за превентивна заштита на покривот на манастирот во Матејче

Куманово, 15 септември 2023 (МИА) - Министерството за култура денеска информираше дека се започнати активностите за непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација, препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче.

За првата фаза за тековната година, одвоени се 1.580. 020. 00 денари. 

- Во текот на 2023 година предвидено е да биде завршена првата фаза, што подразбира превентивна заштита на покривот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче. Со проектот ќе бидат опфатени итни превентивни мерки за санирање на покривот, информираа од Министерството за култура.

Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. Активисти од градот, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт 2001 година. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одморалиште сместено во прекрасната природа во општина Липково, беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово.

Од ресорното министерство потсетуваат дека во буџетите за 2020 и 2021 година за изведба на превентивни мерки на заштита на кровните партии на црквата Успение на Пресвета Богородица во село Матејче, за да се спречат сите деградирачки процеси на објектот, воедно беше променет покривот на камбанаријата.

- За жал, на крајот на 2021 година беа отстранети и дислоцирани големи површини од оловниот покрив на црквата, од страна на непознати сторители. Активностите во 2023 година се во насока на превентивно санирање на оштетените партии од покривот настанати со овие дејствија. За наредната, 2024 година планирана е финална изведба на покривната конструкција на објектот, велат од министерството.

Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.

Во меѓувреме активистите бараат и да се изгради и локален пат до манастирот.ам/цр


Фото: ФБ Мартин Костовски и архива 

Остани поврзан