• понеделник, 23 декември 2024

Почна полнењето со вода и сеидбата на оризовите ниви во Кочанско

Почна полнењето со вода и сеидбата на оризовите ниви во Кочанско

Кочани, 13 април 2023 (МИА) – Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани ја пуштија водата од каналската мрежа и го почнаа полнењето на земјоделските површини, со што на земјоделците им овозможуваат навреме да ја почнат сеидбата на оризот.

За почеток се прават времени прегради на Зрновка, Кочанска и Оризарска Река и се зафаќаат проточните води, со што се заштедуваат резервите со кои располага хидросистемот „Брегалница“. Неповолните временски услови и слабите врнежи од дожд и снег пред почетокот на сезоната, сериозно ќе влијаат врз реализацијата на планот за наводнување, но нема промени на површините на кои ќе сее ориз.

- На самиот старт на сезоната за наводнување во акумулацијата Калиманци има околу 95 милиони кубни метри вода, што е за што е за околу 20 отсто помалку од максималниот капацитет. Со добра организација од наша страна и домаќинско однесување на водокорисниците, сметаме дека ќе успееме сезоната наводнување да ја реализираме според планот. Иако поради неповолната хидролошка состојба очекувавме дека оваа сезона ќе има за една третина помалку површини што ќе се засеат со ориз, сепак ќе нема промени во споредба со лани. Тоа значи дека и годинава со доминантната земјоделска култура во кочанскиот и соседните региони ќе бидат опфатени околу 3.500 хектари, истакнаа од водостопанската подружница „Брегалница“.

Дел од површините во атарот на општина Зрновци се веќе посеани, а веднаш по велигденското празнување ќе почне сеидбата на оризот и во катастаррските општини Оризари и Кочани.

Пред почетокот на наводнителната сезона вработените во кочанската водостопанска подружница го завршиле чистењето на над 90 отсто од каналската мрежа, а во наредните две недели ќе се прочистат и помалите канали во атарите каде што сеидбата на оризот ќе се реализира во текот на мај. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан