Почна петдневното хуманитарно празнично дружење во Дебар
- Во паркот пред Центарот за култура во Дебар, попладнево беше отворено хуманитарно празнично дружење, што, се одржува по иницијатива на Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар.
Дебар, 26 декември 2025 (МИА) - Во паркот пред Центарот за култура во Дебар, попладнево беше отворено хуманитарно празнично дружење, што, се одржува по иницијатива на Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар.
Настанот побуди навистина голем интерес кај дебрани, кои можеа да купат разни слатки и други производи по поволни цени, можеа да донираат и средства кои ќе бидат насочени кон хуманитарни активности за поддршка на најранливите категории.
-Целта на овој празничен Базар е многустрана и се фокусира на важноста на социјалната инклузија, како и на поврзувањето на децата и нивните родители во пресрет на празниците. Како што гледате, настанот нуди можности за дружење на најмладите преку различни забавни содржини, а истовремено служи и за собирање средства што ќе бидат насочени кон хуманитарни активности за поддршка на најранливите категории во нашето општество, изјавија за МИА од Здружението.

Прибраните средства од минатогодишниот базар беа донирани на дебарскиот Дневн центар за лица со посебни потреби.
-Тука сме и возрасни и мали, кои ги има во поголем број. Ова е иницијатива за секоја почит. Ние можеби ќе дадеме скромни средства но сите заедно за некого се многу. Вакви дружења посакувам да бидат почести. Посакувам среќени празници, здравје и благосостојба за сите, рекоа дел од граѓаните со кои разговаравме, доедека децата се радуваа на присуството на маскотите и на Дедо Мраз.

-Повеќе од задоволни што повторно го организираме базарот, кој обединува граѓани без оглед на нивната етничка или религиска припадност. Има и деца и возрасни, и тие што тука живеат, но и иселеници кои за празниците се во родното место. Очекуваме и посетители од другите населени места, додаваат од здружението.
Хуманитарно празнично дружење ќе има до 30 декември, од 16 до 20 часот, кога најмладите покрај другото ќе имаат можност бесплатно да се фотографираат со маскоти, жонглери и Дедо Мраз. вт/мд/
Фото: МИА