• петок, 22 ноември 2024

Почна Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово

Почна Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово

Куманово, 28 септември 2023 (МИА) - Дваесет и шестото издание на меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ беше отворен вчера во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово. Пред публиката настапи велешкиот театар со комедијата „Синиот портокал“. На отворањето присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која кажа дека актерите преку брилијантната игра со години успеваат да ја насмеат публиката, а фестивалот е еден од најпосетуваните во државата.

- Со секоја одиграна претстава се калеше фестивалската приказна, а тоа претставуваше одлична можност за вљубениците во театарската уметност преку еден од најспецифичните жанрови, комедијата да ја негуваат и развиваат театарската култура која прерасна во традиција. Токму тука во градот на безвременското дело „Бегалка“ од Васил Иљоски и неговата Ленче Кумановче кои се синоним и препознатлив белег на Куманово, кажа министерката.

Во обраќањето, таа истакна дека Министерството за култура останува партнер и поддржувач на фестивалот кој придонесува за развој на македонската култура.

Костадиновска Стојчевска му честиташе на овогодишниот лауреат Коле Ангеловски за неговиот придонес.

- Творечкиот опус на доајенот на македонскиот театар и филм е разновиден и особено ни е драго што еден од најистакнатите културни работници кој цел свој живот го посвети на уметноста, особено во делот на комедијата вечерва ќе го добие признанието „Васил Иљоски“. Тој ќе се вброи во класата на врвните актерски великани Илија Струмениковски, Шенка Колозова, Стојна Костовска и Благоја Чоревски кои беа лауреати на фестивалот, рече министерката.

Наградата на Ангеловски му ја врачи Чоревски која кажа дека Ангеловски е еден од „виновниците“ за формирање на фестивалот. Зборувајќи за него рече дека глумел во стотина режирал над 100-тина филмови.

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски кажа дека преку овој фестивал Куманово покажува колку сака театар. Лауреатот Ангеловски рече дека само на фестивалот се одиграни близу 30-тина негови претстави.

Покрај велешкиот на фестивалот ќе се играат претставите „Ле кретен“ од Штип, „Приказна за театарот“ од Пирот, Србија, „Три и пол сестри“ од Винковци, Хрватска, „Илуминати“ на Театар комедија од Скопје, „Чекајќи го лекарот“ од Лесковац, Србија. Кумановци ќе ја проследат и претставата „Граѓанинот благородник“ на тетовскиот театар, „Седумте стола“ на гостите од Ловеч, Бугарија, „Кафез со кокони“ на Драмскиот театар. Како и претходните и годинава фестивалот ќе го затвори кумановскиот театар со „Љубовна терапија“. На 15-ти октомври ќе биде прикажана „Обвинителка“ и ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, за машка и женска улога, споредна улога, сценографија, костимографија и во други категории. Досега низ годините изведени се  210 претстави во изведба на професионални театри од нашата Република и од театарските куќи од регионот.ам/дма/


Фото: Министерство за култура

Остани поврзан