• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Почна изградбата на повеќенаменско игралиште во кумановското училиште „Магдалена Антова“

Почна изградбата на повеќенаменско игралиште во кумановското училиште „Магдалена Антова“

Куманово, 3 март 2025 (МИА) - Почна изградбата на повеќенаменско игралиште во кумановското основно училиште „Магдалена Антова“, информираа денеска надлежните од училиштето. Основците, и генерално младите од населбата Карпош ќе имаат можност да се рекреираат на игралиштето кое се гради со средства обезбедени од општината.
 

-Во училиштето настава следат околу 700 ученици. Игралиштето долго време го очекуваме, финансирано е од страна на општината. Станува збор за повеќенаменско игралиште наменето за фудбал, кошарка, ќе биде оградено со мрежа, со тартан подлога. Неспоредно е до спортската сала, изјави директорот на „Магдалена Антова“, Живко Стојковски.

Претходно и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски информираше дека проектот вклучува изградба на: ограда на училиштето, од  416 квадратни метри, поставување асфалт од 612 метри квадратни, полиуретанска подлога. На игралиштето ќе има кошеви и голови.

-Овој проект има за цел да создаде подобри услови за спортување и забава, што е од големо значење за целата заедница, објави Димитриевски.

Надлежните од училиштето очекуваат и други проекти за училиштето, меѓу нив поставување на фотоволтаици и реконструкција на фасадата, со што ќе се заштеди на средствата кои се одвојуваат за затоплување на училиштето, но и реконструкција на  дотраените тоалети. ам/сст/


Фото: МИА и општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан