• вторник, 05 ноември 2024

Почна да се асфалтира улицата „Браќа Миладинови“ во Тетово

Почна да се асфалтира улицата „Браќа Миладинови“ во Тетово

Тетово, 6 февруари 2024 (МИА) - Во Тетово по повеќе месеци градежни работи за поставување подземна инфраструктура, почна да се асфалтира „Браќа Миладинови“ една од најдолгите улици во градот. Оваа делница долга повеќе од еден километар, а за обновата заслугите за тоа си препишаа и локалната и централната власт. Општина објави видеоснимка од асфалтирањето и соопшти дека градот има улица со нов изглед.

- Улицата „Браќа Миладинови“ од улица со дупки е претворена во една модерна и нова улица. Со децении оваа улица, со лоши сообраќајни услови, била мака за жителите и заедницата воопшто. Но, со определба на градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами, и со неуморни напори на локалните власти, оваа улица полека го менува својот лик. Оваа трансформација не е само подобрување на патната инфраструктура, туку е и инспиративен пример за соработка и солидарност во заедницата. Оваа голема промена е јасен доказ дека со заложбите и храброста на локалните власти е можно да се направат големи и позитивни промени за граѓаните, соопшти општината.

Заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, исто така преку Фејсбук-профилот објави дека почна асфалтирање на улицата „Браќа Миладинови“ во Тетово.

- Проектот предвидува целосна реконструкција на патот во должина од 1 километар во вредност од 265 илјади евра, средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски, порача Реџепи.

Советничката група на ДУИ, од каде што доаѓа и заменик министерот Реџепи, одржа прес-конференција во непосредна близина на улицата „Киро Ристоски-Дрнц“ критикувајќи ја Општина Тетово дека три месеци од асфалтирањето на неколку улици, сега повторно се уништени, а последиците ги трпат граѓаните.

- Патиштата како КРД, патот кон Затворот во Тетово и патот 108 продолжуваат да бидат во страшна состојба и по максимално асфалтирање. На аматеризмот и лошите намери на оваа општинска администрација им нема крај. Ја прашуваме администрацијата на општината и градоначалникот, која е целта со двапати асфалтирање на патиштата и кој има корист од оваа измама? Стотици илјади евра повторно ќе се однесат од граѓанскиот буџет за асфалтирани патишта кои веќе беа асфалтирани пред три месеци. Дури и оние работи што се правеа како што треба во Тетово, ги вршеше Министерството за транспорт, а не општината, која секојдневно се труди да ги присвои заслугите, порача координаторот на советничката група Лиридон Диша.

На улицата „Браќа Миладинови“ е поставена табла на која се известува дека е дел од Проект за поврзување на локални патишта ЛРЦП со реконструкција на локална улица „Браќа Миладинови“ и крак-Општина Тетово, инвеститор Министерство за транспорт и врски. ас/мч/

фото: Општина Тетово скриншот 
Беким Реџепи ФБ профил 

 

 

 

Остани поврзан