• петок, 22 ноември 2024

Почина Михајло Серафимовски, професор на Градежниот факултет во Скопје

Почина Михајло Серафимовски, професор на Градежниот факултет во Скопје
Скопје, 25 септември 2020 (МИА) - На 93-годишна возраст вчера во Скопје почина професорот Михајло Микле Серафимовски, градежен инженер и редовен професор во пензија на Градежниот факултет во Скопје, кој 65 години бил присутен и активен во самиот врв на македонското хидротехничко градителство. Михаило Серафимовски е роден на 3 ноември 1926 година во Тетово. Студирал и дипломирал на Градежниот факултет на Техничката висока школа во Белград на Одделот за хидротехника, со одлична оценка. На Градежниот факултет во Скопје бил активен речиси од неговото основање па се до пензионирањето, така што бил еден од оние професори кој се вградил во развојот на овој високо ценет факултет за градежништво во светот. На Градежниот факултет на Универзитетот во Белград ги предавал предметите „Брани“ и „Хидротехнички конструкции“. Професорот Серафимовски бил почесен член на Македонскиот комитет за големи брани, но и претседател на Комисијата за водостопанство - независно тело во Владата и член на Владата. Во 2018 година добил Плакета за животно дело - доделена од Македонскиот комитет за големи брани по повод јубилејот од 80 години на Инженерството за брани во Република Македонија. Професор Серафимовски е носител на високи признанија. За време на пуштањето на ХЕЦ Вруток во 1957 година, за неговата пожртвувана работа, бил одликуван со Орден на труд од трети Ред. Погребот на посмртните останки ќе се изврши денеска во 11:30 часот на градските гробишта во Бутел.бт/са/    

Остани поврзан