Почина бразилската глумица и детска ѕвезда Милена Брандао
- Причината за смртта сѐ уште не е дефинирана. Според тамошните медиуми, Милена се жалела на замор, слаб апетит, силни главоболки и болки во нозете.
Сао Паоло, 6 мај 2025 (МИА) - Бразилската глумица и детска ѕвезда на „Нетфликс“, Милена Брандао почина на 2 мај во Сао Паоло. Веста на „Инстаграм“ ја потврди нејзината мајка Тајс.
„Девојче мое, веќе ми недостигаш и знам дека уште повеќе ќе ми недостигаш деновиве што доаѓаат. Ти беше светлина во нашите животи и знам дека ќе продолжиш да нѐ чуваш од горе и да ни ги осветлуваш животите. Ќе те сакам засекогаш и секогаш ќе бидеш во моето срце“, се вели во објавата покрај слика со Милена и ангелски крилја.
Причината за смртта сѐ уште не е дефинирана. Според Тајс и тамошните медиуми, Милена се жалела на замор, слаб апетит, силни главоболки и болки во нозете. Прегледите откриле сѐ уште необјаснета дамка од 5 сантиметри на нејзиниот мозок. Состојбата на Милена, тие неколку дена пред смртта, дополнително се влошила и таа доживеала 13 срцеви застои.
Милена Брандао ја почна својата кариера како дете-модел во 2020 година, учествувајќи во неколку рекламни кампањи. Во октомври 2023 година следеа и првите улоги во сапуниците „Детството на Ромео и Јулија“ (A infância de Romeu e Julieta) и „Волшебната пештера“ (A Caverna Encantada). Милена, исто така, глумеше и во ТВ-серијата на „Синтонија“ (Sintonia) на „Нетфликс“. си/мс/
Фото: „Инстаграм“-објава, фотоисечок