Почина актерката Емилија Андреева
- На 68 годишна возраст, почина актерката Емилија Андреева.
Скопје, 29 јуни 2023 (МИА) - На 68 годишна возраст, почина актерката Емилија Андреева.
Емилија Андреева дипломира на Вишата музичка школа во Скопје, на отсекот за драмски актери, во 1977 година.
Дел е од ансамблот на Македонски народен театар – Скопје повеќе од 40 години, од 1979 до 2022 година. За време на својата долгогодишна актерска кариера на театарската сцена ги оживеа ликовите на Валерија во „Лов на диви пајки“ (1979), Љубената во „Обесеник“ (1979), Малтескињата Лезли во „Кенгурски скок“ (1979), Невестата и Гирланда во „Кандид“ (1980), Јевросима во „Војна и мир во Груда“ (1981), Емилија во „Габи“ (1982), Ходел во „Свирач на покрив“ (1983), Саша во „Иванов“ (1984), Евгенија Занданска во „Mazedonische zustände/Македонски состојби“ (1984), Трендафила во „Рамна земја“ (1985), Рипката во „Гуштерица“ (1986), Другарка на Антица во „Антица“ (1988), Нина Заречка во „Галеб“ (1990) и Госпоѓицата Лујза во „Посета на старата дама“ (1990). Играше и во „Вечер на Лундиквист“ (1979), „По претставата“ (1981), „Остен“ (1981), „Стилски вежби“ (2008) и „Троил и Кресида“ (2010). Една од нејзините претстави е и поетскиот монодрамски приказ „Незавршената приказна” (2009), на Градскиот театар и Младинскиот културен центар.
Андреева е добитник на награда „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, во 1984 г., како и на награда на ревијата „Екран“ за најдобар млад актер за улогата на Евгенија Занданска во претставата „Mazedonische Zustände“, 1984 г., а двапати е одликувана и со високите признанија на тогашната Југословенска радио и телевизија.
-Остануваат да сведочат за нејзината талентираност и актерска способност улогите во сериите и филмовите: „Курирот на Гоце Делчев“ (1979), „Исправи се, Делфина“ (1977), „Томи од бензинската пумпа“ (1979), „Оловна бригада“ (1980), „Време, води“ (1980), „Цвеќе на карпата“ (1989) и други, соопштија денеска од МНТ. бт/аа/
Фото: МНТ