• понеделник, 23 декември 2024

Потрагата по правда низ призмата на тројца од оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови

Потрагата по правда низ призмата на тројца од оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови
Скопје, 5 јуни 2021 (МИА) – Два месеци по обелоденувањето на случајот за измамата при купопродажба на станови за кој МИА објави дека агент за недвижности оштетил шестмина граѓани, Основното јавно обвинителство - Скопје, поднесе Обвинителен предлог против скопјанец на возраст од 41 година, поради сторено кривично дело „Измама“. Станува збор за осомничениот во измамата тешка два милиони денари за која оштетените со МИА ги споделија своите „патешествија“ во потрагата по правда и обесштетување. Ивана Наунова Николова, една од оштетените граѓани во, како што вели, „една доста сериозна измама, затоа што се работи за повеќе фамилии“ со МИА сподели како дошло до измамата за која агентот ги оштетил неа и нејзиниот сопруг за капар во износ од осум илјади евра. -  Прелажани бевме дека тоа е сума која се дава на агенцијата на чување, додека да се проследи целата процедура, потпишување на нотар, сè што е потребно со сопственикот. По завршување на целата процедура дека тој капар ќе му биде предаден на сопственикот. Кога сопственикот не се појави на термините закажани за потпишување, сфативме дека нешто не е во ред, стапивме во контакт со сопственикот и тука сфативме дека тој не знае што се случува, дека, агенцијата во која имавме најголема доверба, затоа што, тоа и е работа, нели, да биде посредник во вакви ситуации, нè измами од сумата за капар. После тоа, не успеавме да добиеме никаков контакт со агентот и продолживме со пријавување во полиција, раскажува Николова. Дополнува дека една од останатите оштетени, помеѓу шестмината кои на ист принцип биле измамени, успеала да го „измами“ агентот, сопственикот на агенцијата, да се сретнат, при што потоа го однеле во полиција, бидејќи, како што кажа, „тоа нешто самата полиција во ниту еден момент не се ниту обиде да го направи“. Пријавата во Секторот за економски и компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи се случи на 23 март 2021 година. Две недели потоа, МИА, по темелно истражување и прибирање на факти за случајот, го обелодени истиот, по што следуваше упорно барање одговори од надлежните институции, за потоа, на 13 април, Основното јавно обвинителство -Скопје, конечно да одговори дека е пристигнато известувањето од МВР и дека е оформен предмет по истата пријава. - Кога видовме дека сме измамени, го пријавивме агентот, дадовме сите изјава во полиција, ни рекоа дека процедурата ќе биде кај Јавно обвинителство. Поминати се 45 дена од случајот, никаква одговорност, немаме никакви сознанија со случајот, агентот уште си продолжува на слобода, значи не е притворен, вели Виолета Јовановска, оштетена во случајот. „Се најдовме меѓу себе, кои сме измамените“, се надоврзува Марија Јовановска, уште една од оштетените граѓани, споделувајќи дека самите биле принудени да „изиграваат“ полицајци. - Најтрагично е што кога го однесовме измамникот во полициската станица „Пролет“, ни рекоа сами да го однесеме во Секторот за економски криминал во Македонска Телевизија. Така што, ние со сопствени коли, сами, како полицајци, отидовме и го однесовме таму. Таму дадовме изјава, даде и тој изјава, го пуштија и него, нè пуштија и нас, потоа после некои две недели нè викнаа во Јавно обвинителство и од таму ни земаа изјава и на него му земаа изјава, меѓутоа, измамникот е уште на слобода и уште продава станови, тврди таа. На 16 април, од своите доброупатени извори, МИА дознава дека Единицата за економски и компјутерски криминал, по наредба на надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство, го лишила од слобода лицето против кого беа поднесени неколку кривични пријави од страна на оштетени граѓани за сторено кривично дело „Измама“. Истиот ден, Обвинителството поведе постапка за агентот за недвижности за продолжено кривично дело „Измама“, при што за него ќе биде поднесен Предлог за определување мерки на претпазливост – обврска повремено да се јавува кај определено службено лице во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и забрана за преземање определени работни активности. Од своите доброупатени извори, МИА, во меѓувреме дознава дека истиот агент, и од поодамна е товарен за измама при купопродажба на стан за кој уплатил капар во износ од близу три илјади евра. За потоа, во Обвинителен предлог кој Основното Јавно обвинителство го објави на 2 јуни, веднаш по известувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум, ги споделија своите сведоштва, како и тоа дека самостојно се обидуваат да добијат одговори при што се пожалија на неажурност на институциите, да образложат дека, „обвинетиот, во периодот од 6 мај 2020 година до 5 март 2021 година, во Скопје, со умисла извршил десет временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, а со намера за себе да прибави противправна имотна корист“. - Тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност, стои во сооопштението од Јавното Обвинителство. Дополнуваат дека со четворица од оштетените, обвинетиот склучувал Договори за капар за станови во градба и наплатувал различни износи, но, до Договори за купопродажба не дошло. Со шестмина оштетени, како што велат, обвинетиот склучувал Договори за капар и наплатувал различни износи за капарот, а потоа склучувал и Договори за купопродажба, во кои без знаење на вистинските сопственици се потпишувал како „продавач“.​ Исто како што МИА своевремено објави дека процесот на договарање за купување на становите траел сѐ до моментот кога купопродажниот договор требало да се однесе на нотар, при што агентот, тогаш, настапувал со разни оправдувања дека не е во можност да се сретне со купувачите, поради боледување, отсуство на сопственикот, и слично. МИА за време на истрагата дознава и дека агентот е исто така должен на блиско лице кое му било жирант и на кое поради тоа неодамна му бил одземен стан вреден околу 40 илјади евра. А во игра се вклучува и уште едно лице на кое агентот за недвижности го „препродавал“ станот на еден од оштетените за кои пишуваше МИА, а кој што, лицето веќе почнало и да го уредува. Оштетената Николова вели дека очекува измамникот да биде казнет за тоа што го направил. - Се надевам дека тоа ќе се случи, апелирам до институциите да се погрижат, да има правда. Нервозите и стресот што го изедовме да го плати на одреден начин, прво и основно, верувам во затвор за криминалното дело кое го изведе, и да се надеваме во иднина дека можеби ќе бидеме обештетени за тоа што ни беше земено, меѓутоа, најважно од сè да не дозволи ова да му се случи на некој друг, вели таа. Виолета Јовановска споделува дека оштетата е голема и не само материјално. - Тие ми биле заработка пари, заработка, чесно работење, двоење, егзистенција, надеж, сон, пропаѓа сè. Оштетата е голема, здравствено, психички, премногу, неописливо е, не посакувам на никого ова. Само сакам да допре до институциите, дали има некаде правда во нашава држава, што сум жител на Република Северна Македонија, споделува Јовановска. Марија Јовановска се надоврзува и вели дека немаат никаков абер, а целта им била јавно да дадат изјава со цел да поштедат други граѓани од потенцијална измама. МИА стапи во контакт и со обвинетиот кој изјави дека својата одбрана ја дал во Обвинителството и дека во најбрз можен рок ќе се обиде да ги обесштети граѓаните. - Јас сум во контакт со оштетените, секој ден се слушам, ова да се заврши и разврската потоа ќе биде на суд, вели обвинетиот. Гореспоменатите оштетени чекаат и на повратот на средствата за платениот данок во Град Скопје, за што МИА пишуваше дека двајца од оштетените, во различни месеци поднеле пријави за услугата што се нуди со два засебни купопродажни договори во кои стојат податоци за идентичен стан, а потоа платиле и данок за истиот. Тоа се всушност, гореспоменатите Марија Јовановска и Виолета Јовановска, кои по долго и упорно, како што велат, „висење“ на шалтерите, конечено, преку посредништво на МИА добија одговори дека данокот ќе им се врати по нивната и изјава од сопственикот на становите, за кои е платен данокот, дека не покажуваат интерес за понатамошната купопродажба. На ова, Виолета Јовановска ќе каже: „Голем, тежок процес беше по тоа што ние плативме и данок за станот во Град Скопје, таму ни го земаа предметот, на крај, никој не ни јави, после 45 дена ни се јавија ни кажаа дека треба некои документи да се однесат“. Дополнува дека предметот е во фиока оставен од институциите. - Потоа некако стигнавме до некои одговори дека треба изјави од сопственикот на становите, а со таа изјава и се надеваме да ни се вратат, додава таа. На страна од оштетата во износот од 10 илјади евра за капар, Марија и Виолета чекаат три илјади евра поврат на средства за платен данок на промет за еден ист стан. Поврат на средства за данок за еден од становите кои се предмет на измама чека и уште еден од оштетените. Град Скопје во процесот на претходното истражување од страна на МИА, останаа затворени под образложение дека станува збор за случај кој е под истрага и не можат да споделат информации. Меѓутоа, непосредно пред објавувањето на овој текст, по повторно барање на МИА да го споделат нивниот став, велат дека тоа што е обврска на Градот, согласно закон, ќе биде реализирано. - Преземени се сите дејствија и парите ќе бидат вратени во најкраток можен рок, велат од Град Скопје. Поради пресумпција на невиност од приказната е изоставен идентитетот на обвинетиот. Обвинителниот предлог е поднесен, оштетените ја чекаат правдата, МИА продолжува да го следи случајот.

Ангела Рајчевска видео: Аслан Вишко и Андреј Бранковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан