• понеделник, 23 декември 2024

Поставен камен-темелник на првата градинка во скопската населба Пролет

Поставен камен-темелник на првата градинка во скопската населба Пролет
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска го поставија камен-темелникот на првата градинка во населбата Пролет. Проектот, како што информираше Герасимовски, е целосна инвестиција на Општина Центар, во износ од 154.243.997 денари. Новата градинка ќе има подрумски простори, приземје и еден кат со капацитет за згрижување 150 дечиња во девет занимални. На површина од 3.276 метри квадратни, оваа градинка ќе биде една од најголемите детски градинки во државата. - За нас инклузивноста во образовниот процес е особено важен, затоа во градинката имаме надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост, ќе биде изграден и лифт за лица со инвадилитет и попреченост во движење. Особено важно е што градинката ќе располага со просторија за лекар, со изолација за дете и просторија за стручни соработници. Предвидена е изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо приготвена и здрава храна, соопшти градоначалникот на Општина Центар. Министерката Тренчевска ја поздрави идејата да се вклучат и децата со попреченост, бидејќи како што посочи секое дете има право да биде дел од предучилишното образование. - Ме радува што при креирање на проектот, особено се внимавало и на просторот на игра во надворешниот дел, урбана градина, простор исполнет со песок и земја, детски реквизити до кои можат да пристапат деца со попреченост. Ова е особено важно бидејќи децата учат низ игра, се стекнуваат со вештини, се социјализираат и градат пријателства, изјави министерката. Таа најави дека до крајот на годината предвидено е отворање на уште 13 објекти на територија на цела држава со опфат за околу 1.360 деца и дополнително 15 градинки коишто се во тек и кои ќе бидат отворени во текот на 2023 година со вкупен капацитет од 1.905 деца. - Од 2017 година до денес само на територија на градот Скопје се отворени 17 нови детски градинки, а до крајот на годината е предвидено отворање на уште четири објекти во општина Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром и општина Сопиште, а градинките во општина Чаир и Арачиново коишто се во тек на градба ќе бидат отворени во текот на 2023 година, соопшти Тренчевска и додаде дека со новите градинки, бројот на децата коишто ќе бидат опфатени во предучилишното образование ќе се зголеми, особено на територија на град Скопје каде што има дефицит од градинки. ки/сп/

Остани поврзан