• среда, 27 ноември 2024

Поради непредвидени трошоци „Филипс“ отпушта 6.000 вработени

Поради непредвидени трошоци „Филипс“ отпушта 6.000 вработени

Њујорк, 30 јануари 2023 (МИА) - Холандската компанија Филипс ќе отпушти околу 6.000 лица, што е осум отсто од вкупниот број вработени, поради непредвидени трошоци кои произлегуваат од повлекувањето од пазарот на медицинско помагало за лекување на проблеми со спиењето.

Според Блумберг, половина од планираните отпуштања ќе бидат спроведени оваа година.

Извршниот директор на компанијата Рој Џејкобс рече дека тоа е значајна мерка што мора да се преземе поради зголемените трошоци на компанијата.

Повлекувањето на медицинскиот апарат за терапија со спиење почна во јуни 2021 година, откако истражувањата покажаа дека постои врска помеѓу апаратот и појавата на рак и на респираторни проблеми.

Тестовите кои ги спроведе Филипс покажаа дека нивните производи, сега повлечени од пазарот, веројатно не би му наштетиле на здравјето на пациентите, а Џејкобс, кој го замени долгогодишниот извршен директор Франс ван Хаутен во октомври, рече дека се надева дека ќе добие повеќе детали за влијанието во однос на каква било потенцијална штета во втората половина од годината .

-Кога ќе ги имаме тие информации, веднаш ќе ги објавиме. Ќе се обидеме да вложиме максимални напори за да го најдеме најдоброто решение, рече тој.

Со најновите отпуштања, Филипс им се придружи на се поголемиот број производители кои ги намалуваат трошоците за да се справат со превирањата во синџирот на снабдување и инфлацијата. ссм/

Остани поврзан