Да се врати публиката во театарот во Стоби
- Археологот м-р Гоце Павловски, кустос советник во НУ Стоби,стручен раководител на археолошки истражувања, кој од 2009 година година раководи на овој голем проект за реконструкција на театарот за МИА, информира дека само за поставување на мермерни седишта на источната страна од гледалиштето пред неколку години беа потребни пет милиони евра, а сега по инфлацијата двојно повеќе или 10 милиони евра.
Велес, 14 август 2023 (МИА) - Бројната публика која го сака театарот и археолошкиот локалитет Стоби сeкое лето од средината до крајот на јули едвај чекаше да гледа претстави од Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.Така беше во периодот од 2002 до 2014 година и последен пат во 2018 година. Последниве години, фестивалот за жал се одржува наесен на затворена сцена во театарот во Велес.
Причината е предупредувањето од археолозите и стручњаците по градежништво, дека гледалиштето на театарот е во критична состојба и може да се сруши. Затоа треба целосно да се реставрира, за повторно да се врати публиката. Археолозите од НУ Стоби бараат поголеми финансиски средства за да се постават мермерните седишта на левата страна од театарот, со што публиката ќе може да се врати во Стоби, а во тоа време да се реконструира десната страна од гледалиштето.
Од Министерството за култура за МИА, информираат дека реконструкцијата на Римскиот театар во Стоби е долгогодишен етапно финансиран проект чија финализација зависи од обезбедените средства во годишните буџети и реализацијата на планираните позиции.
Да се реновира источната страна од гледалиштето, за да се врати публиката во театарот
Археологот м-р Гоце Павловски, кустос советник во НУ Стоби,стручен раководител на археолошки истражувања, кој од 2009 година година раководи на овој голем проект за реконструкција на театарот за МИА, информира дека само за поставување на мермерни седишта на источната страна од гледалиштето пред неколку години беа потребни пет милиони евра, а сега по инфлацијата двојно повеќе или 10 милиони евра.
На тоа место од древното гледалиште, кое порано беше празно, од пред неколку години е изградена подлога за поставување на мермерни седиште. Од мермерни блокови според автентичните, седишта се уште не се поставени, па затоа се уште не може да се седи на овој дел од гледалиштето.
Павловски за побрзо враќање на публиката во театарот во Стоби, предлага најпрво да се постават мермерните седишта за публиката на источната страна, а каде порано беше празен простор. Со тоа публиката ќе може да седи на оваа страна на театарот и повторно да следи претстави и други културни манифестации.
Воедно и десната страна од гледалиштето потоа целосно ќе може се реставрира.Токму на овие древни мермерни седишта во изминатите години седеше публиката на фестивалот ИФАД „Стоби“ и други културни настани. Од тежината на бројната публика без претходна реставрација древните мермерни седишта дополнително се распукаа и затоа сега е потребна нивна итна и целосна реставрација.
Тој информира дека театарот во Стоби најпрво бил истражуван во 20-те, па во 70- те, а малку во 90- те години на 20 век. Најголемите истражувања на театарот се од 2009 година до денес.
-Со конзервација на театарот во Стоби започнавме во 2014 година, а кога беше изработен првичниот проект за конзервација и реставрација на театарот беше за источната половина каде што недостасуваат седиштата. Имаме идеја таму да се вратат мермерните седишта за на нив да седи публиката.Тој проект тогаш чинеше пет милиони евра само за таа половина.за жал во овие 15 години од државата не успеавме да добиеме толкава сума на средства. Проблемот е што таа сума од пет милиони евра сега е зголемена,па со инфлацијата би чинела двојно повеќе или 10 милиони евра, потенцира Павловски.
Тој информира дека НУ Стоби секоја година добива по околу 1 до 1,5 милион денари, а само две години по ред добиле три милиони и 800 илјади денари што се и најголеми суми кои некогаш ги добила НУ Стоби за реставрација и конзервација за истражување на театарот во Стоби.
- За жал според таа динамика на финансирање нас ќе ни требаат многу години да го завршиме реконструирањето на театарот.Тоа значи дека надлежните треба да го свртат внимание и да инвестираат поголеми финансиски средства за во пократок рок да заврши истражувањето и заштитата на овој објект и неговата презентација, истакна Павловски.
Наведе дека имаат изработени четири основни проекти за конзервација на различни делови на театарот. Посебно за долниот, а посебно за горниот дел на гледалиштето, посебно за сценската зграда и посебно за мермерните елементи кои се уште стојат „ин сито“.
Западната страна од гледалиштето на театарот дополнително оштетена од бројната публика
Театар во Стоби, 14 години се користеше за одржување Фестивалот на Античка драма ИФАД „Стоби“, а заедно со претходните три години од изведба на првите претстави во театарот во Стоби во 1992,1993 и 1994 година, вкупно 17 години.
Последното издание на фестивалот во континуитет во театарот во „Стоби“ беше во 2014 година, потоа три години се префрли и се одржуваше во театарот во Велес.
По три години пауза ИФАД „Стоби“ неговото 17 то издание од 9 до 29 јули 2018 година повторно беше одржано во театарот во Стоби.Тоа беше последен пат ИФАД „Стоби“ да се одржува во театарот во Стоби. Во 2019 и 2020 година поради пандемијата Фестивалот не се одржи, а на 18 - то издание на ИФАД „Стоби“ во 2021 година премиерата наместо во театарот во Стоби се одржа во Теодосијанската Палата. Во 2022 година 19 - то издание наместо во Стоби повторно се одржа во театарот во Велес.
Претстојното јубилејно 20 - то издание на ИФАД „Стоби“ во октомври, нагласува, за жал наместо во древниот театар повторно ќе биде на сцената на велешкиот театар.
Претходните години во театарот во Стоби имаше и по некој концерт и други културни манифестации кои ги посети повеќе илјадна публика, која седеше на древните мермерни седишта.
-Тој е прекрасен фестивал и супер е што го оживеа древниот театар. Но погрешно е стартуван, затоа што се одржувал во објект што не е нималку безбеден, а кој не бил конзервиран. Бројната публика што седела на мермерните седишта на западното гледалиште сите тие години придонесувала за нивно дополнително оштетување. Па како последица на тоа мермерните блоковите на седиштата од западното гледалиште за жал сега сите се испукани. Секое седење на публика во театарот без претходна реставрација значи и ризик да се искрши повеќе.Тоа значи дека објектот мора комплетно да биде конзервиран за да може да биде ревитализиран и да биде ставен во функција. Заради тоа се’ додека е ваква состојбата ИФАД „Стоби“ не може да се одржува во небезбеден театар. Театарот ваков како што е сега, не е во можност да прима публика, но штом ќе биде конзервиран нема да има опасност по објектот и по публиката, истакна археологот Павловски.
Две опции за ревитализација на театарот во Стоби
Едната опција е да се заврши проектот за поставување на седиштата во источната половина, со тоа што би се реконструирала на база на тоа што го има на западната. Со тоа публиката слободно ќе може да седи во тој дел од театарот. Во тое време археолозите и градежниците заедно би ја конзервирале западната половина со автентично сочуваните седиштата, а кои сега се испукани.
Тие имаат проект и од септември почнуваат со конзервација на тие блокови. Но, потенцираат, немаат доволно средства да се направи нешто повеќе.
Според нив, кога сето тоа ќе го завршат зависи од динамиката на финансирање. Сепак, велат, средствата за реставрација на театарот од година во година им се намалуваат.
Во 2019 и 2020 година Министерството за култура за НУ Стоби издвоило по три милиони и 3,8 милиони денари, а во 2023 имаат само еден милион денари.
Потенцираат дека ако со три и 3,8 милиони денари можеле да работат по два месеци, сега со милион денари, а кога и трошоците им се дуплираа, едвај еден месец.
Археолозите појаснуваат дека во долниот дел на гледалиштето биле 18 реда, а во горниот дел уште меѓу 15 и 17 реда. Со тоа целосниот капацитет на театарот во Стоби бил помеѓу 6-7 500 илјади гледачи, во зависност колку реда имало горе на седиштата.
Во театарот во Стоби недостасува горниот дел од гледалиштето и како изгледало може само да се претпоставува.Таму има елементи, но според археолозите постојат можности да било вака или така.Тоа што сега го има во театарот е само една четвртина од тој капацитет. Но, според нив и тоа е доволно за ваков објект да се ревитализира и да дојде публика од илјада до две илјади.
Коридорите преку кои циркулирала публиката
Археолозите информира дека годинава продолжиле со проектот за конзервација на ѕидовите од супструкцијата во источната половина на горниот дел од гледалиштето каде има 16 радијални ѕидови.
Таму се наоѓаат коридорите преку кои циркулирала публиката пред да се качи да седне на седиштата.
Посебно е интересно, а кога треба да се визуилизира е фактот дека фасадата на театарот во Стоби е со арки со аркада нешто слично како што е Колосеумот во Рим.
Публиката влегувала од коридор од надворешноста, а веднаш, од тој коридор влегувала внатре во други коридори, кои имаат скали и водат во различни делови на гледалиштето. Според археолозите, тоа е одлично и супер ќе се гледа, но затоа требаат нови истражувања и конзервација, а тоа пред се’ зависи од финансиските средства.
Реконструкцијата и археолошките доистражувања на Римскиот театар во Стоби е повеќегодишен етапно финансиран проект
На прашање на МИА, кога ќе биде довршен проектот за реконструкција на Римскиот театар во Стоби, од Министерството за култура информираат дека тие посебно внимание посветуваат на истражувањето и непосредната заштита на еден од најзначајните споменици на културата од античката епоха на овие простори– археолошкиот локалитет Стоби кој од 2009 година функционира како посебна Национална установа.
Тие појаснуваат дека Министерството за култура низ годините од формирањето на установата па се’ до денес во рамки на годишната програма континуирано издвојува средства во висина од 50 илјади до 130 илјади евра на годишно ниво за реализацијата на планираните проекти на античкиот град Стоби. Исто така и средства за тековно одржување на локалитетот во висина од 15 илјади -20 илјади евра годишно.
- Во тој контекст сакаме да истакнеме дека проектот за Конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на објектот Римски театар во Стоби, претставува повеќегодишен, етапно финансиран проект. За него Министерството за култура од 2013 па до сега обезбеди средства во висина од 340.650 евра. информираат од Министерството за култура.
Воедно појаснуваат дека во рамки на овој проект, установата изведува паралелни активности за археолошки доистражувања и конзервација на истражените позиции од Римскиот театар. Во тој контекст во рамки на проектот планирано е и поставување камени седишта на театарот , се’ до неговата финална реконструкција, презентација и ревитализација.
-Уште еднаш напоменуваме дека станува збор за повеќегодишен проект чија финализација зависи од обезбедените средства во годишните буџети и реализацијата на планираните позиции,потенцираат од Министерството за култура.
Во Стоби се чувствува магијата на древната сцена под ѕвездено небо
На иницијатива од група театарски работници,млади актери ентузијасти и вљубеници во Стоби, претстави во театарот во Стоби се одржуваа уште во периодот од 1992,1993 и 1994 година. Во 2002 година актерите и други театарски работници од велешкиот театар и Општина Велес го основаа ИФАД „Стоби“ на кој секоја година со антички драми со голем успех учествуваа театарски ансамбли од повеќе земји од светот.
Слободанка Чичевска актерка од велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, со своите колеги во 1992 година беше една од иницијаторите, а кои и први заиграа на древната античка сцена во театарот во Стоби.Чичевска во 1992 година со голем успех ја играше главната улога во „Електра“, прва изведена претстава во Стоби.
Актерите во 1993 година настапија со „Антигона“, а во 1994 година со „Хекуба“,а сето тоа беше проследено од повеќе илјадна публика од повеќе градови , а која уживаше во театарските ноќи во Стоби. Од таа нивната првична идеја и реализација, а по пауза од 7 години, во 2002 година беше основан Интернационалниот фестивал на античка драма ИФАД „Стоби“.
-Многу ми е жал што нема веќе претстави во Стоби.Сите ние актери кои сме играле на древната сцена се уште го сонуваме театарот во Стоби.Таму имавме чувство како боговите да се со нас и дамнешните древни актери да ни аплаудираат. Стоби е магично место и ништо не може да го замени, па ниту нашиот најсовремен театар во Велес. Жал ми е што моите млади талентирани колеги не ја почувствувале магијата на тој простор, каде кога го изговараш текстот над тебе се само ѕвездите во тој празен простор. Се надевам дека надлежните во Министерството за култура ќе имаат слух да изнајдат средства за реконструкција на гледалиштето и древната сцена. А ние актерите повторо да се вратиме на древната сцена. Тогаш со нас ќе ја вратиме и бројната публика, жедна за театарските ноќи во Стоби.
Публиката копнее по театарот во Стоби
Бројната театарска публика од Велес, Градско, Скопје, Неготино, Свети Николе, Кавадарци, Росоман и другите македонски градови кои макар еднаш биле на театарска претстава или друг настан копнее повторно да отиде во Стоби. Велат дека е посебно чувството да се биде дел од публиката која ја продолжува традицијата на античката публика.
Една од нив е Ангела Ристовска од Велес, голем љубител на театарот и воопшто на културните настани, а која копнее и се надева дака наскоро повторно ќе оди да гледа античка претстава во Стоби.
-Секоја година едвај чекав да дојде јули и да започне Фестивалот на античка драма.Имаше организирано и бесплатни автобуси, некои одеа и со воз, ах, тоа беше доживување да се патува ноќе во Стоби. А таму, ве дочекуваше древниот Стоби со своите тајни во ноќта, а насекаде низ локалитетот со запалени факели.Чувството да се биде дел од публиката во ваков древен објект е посебно. Актерите секогаш имаа прекрасни изведби на повторно оживеани антички драми.Жалам што фестивалот веќе петта година не се одржува во театарот во Стоби. Во 2021 година на ИФАД Стоби имаше театарска премиера во Теодосијанската Палата и таму беше убаво,но во античкиот театар има гледалиште, а магијата на сцената е прекрасна. Сите ние кои го сакаме Стоби посебно театарот, апелираме до надлежните што поскоро да издвојат поголема сума средства. Со тоа поскоро ќе се реконструира гледалиштето, а ние публиката повторно ќе можеме да се вратиме во театарот, порача Ристовска од свое и име на бројната публика.
ИФАД „Стоби“ смислата на постоење ја има само во театарот во Стоби
Сашо Димоски директор на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ за МИА, потенцира дека Интернационалниот фестивал на античка драма ИФАД „Стоби“ кој како и што е насловен започна и беше наменет да се одржува во театарот во Стоби. Според него, фестивалот за античка драма, единствено смислата на постоење ја има ако се одржува на древната сцена.
- Меѓутоа за жал и оваа година како и од 2018 година наваму, во античкиот театар во Стоби нема услови за театарски претстави и не може да се реализира. Додека ситуацијата со театарот во Стоби е таква, не може да се врати публиката во театарот. Сепак за да се одржи континуитетот, фестивалот се одржува во театарот во Велес, а годинава планираме програмата да биде во октомври. Јас се надевам дека набрзо ќе завршат конзерваторските работи во театарот и дека бројната публиката ќе може повторно да дојде на ИФАД „Стоби“, таму каде што и припаѓа во античкиот театар во Стоби. Сето тоа на наша и голема радост на бројната публика за на крај како и секогаш да не награди со долги и силни аплаузи, а кои повторно ќе одекнуваат во древниот отворен простор, во долгите летни ноќи под ѕвездено небо,потенцира Димоски.
Стоби има и други објекти и локации за театарски и други културни настани и концерти
Додека трае реконструкцијата на древниот театар во Стоби, претстави може да се изведуваат и во други објекти. Потврда за тоа беше 3 август 2021 година кога премиерата „Орестија“ наместо во театарот беше изведена во Теодосијанската Палата, а со која воедно беше отворен 18 ИФАД „Стоби“. Освен таму претстави може да се играат и во други објекти и локации во Стоби,информира за МИА Спасе Перовски директор на НУ Стоби.
Тој воедно го посочува и неистражениот простор во археолошкиот локалитет Стоби каде може да има и концерти .Перовски потсетува дека потврда за тоа беше концертот на групата „Синтезис“ во Стоби со бројна публика.
Во Стоби на отворено беше претставена и изложба на скулптури на академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков.
- Се надевам дека наскоро бројните културни дејци од сите области ќе иницираат нови настани на отворено во Стоби. Освен театарски претстави, концерти и изложби би можело да има и поетски читања и разни други музички и други перформанси. Со тоа ќе се создаде можност бројната публиката која го сака и мечтае за Стоби, повторно да дојде на нови културни настани, порача Перовски.
Потсетува дека портите на Стоби секој ден па и за викенд и празник се отворени за секој добронамерен посетител од земјава и странство, а кој сака да ги запознае историјата, знаменитостит и тајните на Стоби.
Перовски информира дека НУ Стоби планира да направи фестивал што ќе биде посветен на еден од најголемите творци кои живееле во Стоби, а тоа е Јоанeс Тобаелус кој живеел во 4 век од новата ера, a кој е познат по бројни филозофски и драмски текстови.
Антоанела Димитриевска
Фото:МИА